Опозицијата бара ОЈО да отвори постапка за изјавата на Мицкоски за поткуп
Опозицијата бара Обвинителството да отвори предмет за наводите на премиерот за поткуп за железничката пруга кон Бугарија. Според лидерот на СДСМ, доколку Мицкоски не ги сподели информациите со институциите, тој бил соучесник. Од Владата пак го повикаа експремиерот да каже зошто делниците 1 и 2 биле градени со фирми од Струмица и Мала Речица...

По изјавата на премиерот Мицкоски дека имало обид за поткуп за тендерот за пругата кон Бугарија, лидерот на СДСМ смета дека во Владата за тоа има дисонантни тонови и различни изјави. Во секој случај вели, изјавата на премиерот е сериозна, но факт е дека ниту една друга институција нема информација за тоа. Побара Обвинителството да отвори постапка, но и како што изјави, да не се злоупотребува говорницата, ниту пак да се користи партискиот пи-ар. Лидерот на СДСМ нема информација дали можеби вакви понуди за поткуп доаѓале до поранешниот премиер или пак министри во Владата на СДСМ.
Владата како главен столб го има владеењето на правото и ставањето крај на криминалот и корупцијата, а тоа ги плаши оние кои до сега така функционирале, реакција од Илинденска. Обзнанувањето на обидот за поткуп за изградбата на железницата, за третата делница, отвора неколку прашања за претходните делници, еден и два.
„Како е можно за делницата 1 и за делницата 2, подизведувачи да се фирми од СТРУМИЦА и од Мала Речица? И секако, имајќи го претходното предвид, ако обидот за поткуп не минал сега за делница 3, што се случувало во минатото и зошто минатиот премиер молчи? Ова се прашања коишто со самото поставување внесуваат дополнителен страв и немир кај претходните власти и затоа се обидуваат да избегаат преку паушални изјави“, се вели во реакцијата од Владата.
Минатата недела Премиерот Мицкоски обелодени дека имало обид се поткупи за тендерот за пругата кон Бугарија, тежок 560 милиони евра. Сепак, не кажа кој стои зад тоа, но рече дека се информирани сите надлежни институции и партнерите во Европската Комисија.
Милчо Велески
