Пред стартот на учебната година притисоци од опозицијата за повисоки плати на наставниците
Пред стартот на учебната година се разгореа страстите меѓу власта и опозицијата. Дел од наставниците со поддршка од опозицијата излегоа на протест пред Министерството за образование со барање за повисоки плати за наставниците. СОНК се оградува од протестот. Велат ќе чекаат да се создадат услови за повисоки примања...

Пред почетокот на новата учебна година опозицијата со поддршка на просветните работици во нивните барања за повисоки плати. Просветните работници дојдоа пред Министерството за образование во исто време кога министерката држеше прес-конференција за стартот на учебната година. Од неа, но и од власта побараа да им се зголемат платите, оти како што велат, наставниците се важен дел од образованието.
И првиот човек на СДСМ Венко Филипче дојде да им даде поддршка на наставниците кои побараа повисоки плати. Рече дека овој собир пред почетокот на учебната година е алармирање на власта за погрешните политики во образованието.
Паралелно, најголемиот синдикат за образованието, СОНК, се огради од протестот на наставниците. Од таму и оставаат можност на министерката за образование да излезе со предлог до средина на септември. Првиот човек на Синдикатот, Јаким Неделков, тврди дека досега не добиле одговор, освен дека нема пари во буџетот.
Од СОНК велат дека ќе останат конструктивни како социјални партнери со Министерството и со Владата и очекуваат кон средината на месецов да седнат на иста маса и да се договорат во однос на зголемување на платите.
Инаку, утре, в понеделник во 18.00 часот, во Битола ќе има протест на Независен синдикат за образование. Барањата се за почитување на колективните договори кои се обврзувачки за вработените во образованието.
Борис Грујоски
