Огласени сирени за тревога во Украина
Стигна руската одмазда. Огласени сирени за тревога во Украина. Масовни напади со крстаречки и балистички проектили врз Киев на стартот на учебната година. Оштетени згради, училишта и спортски сали. Наставата одложена. Во регионот на Суми повредени 18 лица. Жестоко на фронтот во Доњецк. Провоцирачкиот украински упад во Курск нема да ја спречи руската офанзива во Донбас-дециден Путин. Зеленски бара поголема поддршка за фер одговор на рускиот терор...

На стартот на учебната година огласени сирени за тревога во Украина. Русија го нападна Киев со крстаречки и балистички проектили – соборени се 20, оштетен е влезот на метростаницата која служи како засолниште. Нема да има прослави и први студентски предавања откако зората во градот ги откри рушевините на училишта, спортски сали и станбени згради.
„Утрото слушнавме силни експлозии. Се надевавме на најдоброто. Таа оди во ова училиште за првпат, дојдовме со надеж за добар 1-ви септември и го видовме ова. Децата се надеваа на прослава, но наставата е одложена“, изјави Олена – жителка на Киев.
„Сè уште ми се тресат рацете. Почнав да трчам во зградата и ја изгубив влечката. Не очекував дека ќе удрат овде“, изјави Оксана Аргунова-студентка.
„Почна тревогата за воздушен напад, отидовме во засолништето во студентскиот дом, потоа се слушнаа експлозии многу блиску, рекоа дека е во близина на објектот. Кога излеговме видовме пожар“, изјави Алина – ученичка во оштетената образовна институција.
18 луѓе се повредени во текот на ноќните руски напади врз Суми. Москва тврди-собориле три ХИМАРАС системи. Борбите во Доњецк продолжуваат. Русија тврди дека презеле контрола врз две населени места. Путин дециден, провоцирачкиот украински упад во Курск нема да ја спречи руската офанзива во Донбас.
„Главната задача што си ја постави непријателот-да ја прекинат нашата офанзива во Донбас, не ја постигнаа. Руските сили веќе преземаат контрола на териториите, не на 200 или 300 метри, туку на квадратни километри. Такво темпо на напредување сме немале одамна“, изјави Владимир Путин – претседател на Русија.
Украинскиот претседател Зеленски вели дека е потребна поголема поддршка за фер одговор на Русија и целосна заштита на градовите од руска агресија. Последниот руски напад врз Киев е одговор на синоќешното масовно украинско гранатирање во 15 региони на Руската Федерација.
Бојана Крстевски
