Образование

Затворено училиште и намален број на првачиња во Куманово

02.09.2024 12:57

Над 110 првачиња недостигаат во кумановските училишта. Поради малиот број дечиња, надлежните одлучија да се затвори и основното училиште во село Габреш...

Со затворено основно училиште и намален број првачиња стартува учебната година во Куманово. Поради недостаток на дечиња надлежните одлучија да запре со работа подрачното училиште „Кочо Рацин“ во село Габреш. За прв пат во Куманово се запишани и под 1.000 првоодделенци, односно 970. Според податоците недостигаат над 110 дечиња.

„Падот на наталитетот од 1991 година, потоа друг проблем миграција внатреопштинска, од рурални кон централно подрачје и сега последна деценија миграција на цели семејства во западноевропските држави. А прва година и во Куманово во општинско училиште Кочо Рацин во село Габреш нема запишано ниту едно дете“, истакна Александар Јовановиќ, раководител Сектор за образование Општина Куманово.

Детскиот џагор се врати во 17-те основни, четири средни и еден регионален училиштен центар во Куманово.

Најголем интерес за упис на дечињата и оваа година е регистриран во училиштата во централното подрачје, на сметка на оние во населбите.

Во руралните средини наставата ќе се реализира во една смена, додека централните училишта засега немаат просторни капацитети за реализација на оваа мерка.

Поради реконструкција на училиштето во Агино село, овие ученици новата учебна година ќе ја започнат во централното „Кирил и Методиј“ и „Вук Караџиќ“. Во Куманово тече и изградбата на средното „Сами Фрашери“.

 

Елена Георгиевска