Заменик министерот д-р Астрит Исени на презентација на истражувачкиот проект на ОБСЕ
Министерство за внатрешни работи, согласно делокругот на работите од својата надлежност, ги третира децата и младите како ранлива категорија во општеството и согласно тоа преку организациските единици презема мерки и активности за превенција и заштита, едукација и подигање на свеста за ризиците и опасностите на кои е изложена оваа категорија на популацијата...

„Потребата од вградување на младинската перспектива во процесите на креирање и донесување на политики е од фундаментално значење за зајакнување на демократијата и поттикнување на активното граѓанство. Министерство за внатрешни работи, согласно делокругот на работите од својата надлежност, ги третира децата и младите како ранлива категорија во општеството и согласно тоа преку организациските единици презема мерки и активности за превенција и заштита, едукација и подигање на свеста за ризиците и опасностите на кои е изложена оваа категорија на популацијата“.
Ова, меѓу другото, го истакна заменик министерот за внатрешни работи д-р Астрит Исени, во своето денешно обраќање во рамки на презентацијата на истражувањето за млади и безбедност насловено како – „Перцепции, ставови и предизвици на младите во Република Северна Македонија“, кое што во изминатиот период се спроведуваше во организација на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, а денеска беше претставено пред поширокиот аудиториум, со воведен збор од страна на шефот на Мисијата на ОБСЕ во РС, амбасадорот Килијан Вал.
Осврнувајќи се на најчестите предизвици и закани на кои што е изложена младата популација денес, како што се насилството, булингот, сајбер нападите и други облици на криминал, заменик министерот Исени во своето обраќање особено ги потенцираше програмските мерки и активности на МВР во поглед на раната детекција и превенција. „Во рамките на системскиот пристап за решавање на врсничкото насилство во училиштата, во своите годишни програми и месечни планови за работа во МВР континуирано се планираат и спроведуваат превентивни мерки и проектни активности кои во соработка со Министерството за образование, но и со други институции, а преку училишните авторитети се реализираат во текот на учебната година. Овие активности ги третираат најактуелните безбедносни проблеми и ризици на кои можат да бидат изложени децата и младите во своето секојдневно живеење“, истакна д-р Исени.
Притоа, во делот од Панел дискусијата заменик министерот Исени нагласи дека – „Единствен начин за справување со сите негативни предизвици е повторно да се вратиме на изворните вредности на човекот, и заеднички да се обидеме да ги заштитиме тие вредности преку заеднички одговор, пред сè преку преземање на понатамошни конкретни и координирани чекори. На комплексните закани мора да одговориме со комплексен пристап, преку градење и зголемување на непосредната соработка и довербата, преку меѓудржавен институционален пристап на стратешко, оперативно и тактичко ниво“.
Инаку, на овој настан беа претставени прелиминарните наоди, заклучоци и стратегиски препораки што произлегуваат од истражувањето кое го организираше и поддржа Мисијата на ОБСЕ во Скопје. Поточно, истражувањето се фокусираше на перцепцијата на младите за безбедноста и сигурноста, учеството во формалните и неформалните мировни процеси, насилството меѓу младите, статусот на агендата за млади и безбедност на прашањата за спротивставување и спречување на насилниот екстремизам во земјата, и исклученоста и маргинализација на сите нивоа.
