Германската екстремна десница со „историска“ изборна победа на истокот
По двете монструозни прободувања со нож во Германија, и онака високиот рејтинг на ултрадесната Алтернатива за Германија го достигна зенитот на изборите во Тирингија и Саксонија. Антиимигрантската политика на партијата се отелотвори во изборните резултати, во Тирингија со девет насто пред конзервативните демохристијани, додека трите владејачки партии далеку заостануваат по крајната десница. Во Саксонија, се втори по ЦДУ, разликата е тесна. Алтернатива повика на предвремени федерални избори во Германија...

Бјорн Хеке, локалниот лидер на партијата која освои 32 од 88 места во националниот парламент, беше претходно казнет поради користење нацистички слоган. Хеке е професор по историја, неговата партија за првпат од втората светска војна треба да ја предводи германската држава Тирингија. По успехот, Алтернатива за Германија повика на оставка на канцеларот Шолц и на предвремени избори.
„Ова беше глас против владата која работи на принципот на семафор. Затоа гласачите бараат нови федерални избори. Канцеларот Шолц треба да си ги пакува куферите и да го ослободи местото“, изјави Алис Вејдел, ко-лидер на Алтернатива за Германија.
Горчливи резултати, возврати сојузниот канцелар Шолц, кој во изјава за „Ројтерс“ ги повика и левите и десните партии да формираат Влада без ултрадесничарите. Ќе ја ослабат економијата, ќе го поделат општеството загрозувајќи го реномето на државата, порача канцеларот.
„Силниот настап на алтернатива е вистински стрес-тест за нашата демократија. Демократските партии мора да ги подигнат заштитните ѕидови“, изјави Сашка Ескен Колидер на Социјалдемократската партија на Германија.
Според демохристијаните, вистинскиот политички проблем не е контролата на оружјето или депортациите туку неконтролираниот притисок на имиграцијата.
„На секои пет депортации, депортациите во Авганистан беа овозможени неделава, има 100 нови мигранти. Ако Владата не ги врати преку граница, тогаш во наредните месеци треба да ја преземе одговорноста“, изјави Фридрих Мерц, лидер на Демохристијанската партија.
Анкетите укажуваат и на победа на Алтернатива во Бранденбург, третата сојузна држава на германскиот исток, на изборите кои ќе се одржат по три недели. Федералните се закажани во септември наредната година.
Зоран Богатинов
