Протести против „Монструм“

Иванов: Протести се дозволени секаде, но насилството не се толерира

10.07.2014 14:21

Протести се дозволени секаде, меѓутоа насилството не се толерира. Во државата има институции кои функционираат и се справуваат со предизвиците...

Претседателот на Република Македонија, Ѓорѓе Иванов во врска со протестите за пресудата за случајот „Монструм“ и повеќекратното убиство кај Смилковското Езеро, денес од Охрид изјави дека протести се дозволени секаде, меѓутоа насилството не се толерира. Иванов нагласи дека државата има институции кои функционираат и се справуваат со предизвиците, и кои преземаат се што е потребно за да спречат какви било појави на насилство.

„Сите отворени прашања може да се решаваат преку институциите. Оној кој се сомнева во каква било дејност или активности на одредена институција може тоа преку инситуционален пат да го оствари, тоа се однесува и на пресудата за случајот „Монструм“. Мора да оставиме судовите тоа да го сработат, по случајот да се произнесе и Апелација. Секој кој може со сознанија да придонесе за расчистување на случајот или да влијае врз пресудата доколку нешто е противправно, може да го направи тоа, но насилството како начин за остварување одредени цели секојпат се осудува“, рече Иванов.

Претседателот Иванов посочи дека е во постојан контакт и координација со сите надлежни институции за сите активности кои се преземаат во контекст на актуелната ситуација со случајот „Монструм“.

„Имало и ќе има такви настани, но не смееме да дозволиме страв кај населението и недоверба во институциите. Граѓаните ни ја дале довербата и ние сме одговорни пред нив да ги преземеме сите активности за да не дозволиме да се случуваат насилни акти во државата“, рече Иванов.

Иванов предупреди дека едни исти лица ја користат вознемиреноста кај населението за да освојуваат дневнополитички поени.

Во поглед на реакциите на одредени политички кругови од Тирана и Приштина за пресудата во случајот „Монструм“, Иванов посочи на потребата претходно да се имаат сите сознанија, па да се даваат какви било реакции.

„Со такви акти како палењето на знамето во Косово, тие повеќе си наштетуваат себеси затоа што сликата за Косово ја пренесуваат низ светот, а сите знаат што Македонија направи за остварувањето на државноста на Косово. Така што сите такви насилни акти како палењето на знамето, оди на нивна штета и ќе се одразува на начинот како врз нив ќе гледат во светот,“ истакна претседателот Иванов.