Продолжуваат руските напади, борбите се водат во осум правци
Москва истакнува дека зазеле уште едно место во регионот на Доњецк. Зеленски признава дека упадот на руската територија не ја олесни позицијата на истокот од земјата и покрај пробивот на украинските сили во Курск.

Едно лице загина, а тројца се повредени во најновиот руски напад врз Дњепропетровск. Украинската армија соопшти дека борбите се водат во осум правци. Москва истакнува дека зазеле уште едно место во регионот на Доњецк. Зеленски признава дека упадот на руската територија не ја олесни позицијата на истокот од земјата и покрај пробивот на украинските сили во Курск.
„Веруваме дека операцијата Курск може да влијае и на оваа област, но гледаме дека таму е тешко, на овој простор се концентрирани најподготвените руски бригади бидејќи тоа отсекогаш бил нивната главна цел – целосна окупација на регионите Донбас“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.
Додека Киев ги брои цивилните жртви по синоќешниот масовен руски напад Холандија најави помош за Украина од 200 милиони евра.
„Мораме да направиме сè што е можно за да ѝ помогнеме на Украина да напредува, не само на фронтот, туку и кога е во прашање секојдневниот живот на луѓето. Затоа Холандија обезбедува нов важен пакет помош вреден повеќе од 200 милиони евра“, рече Дик Шуф, премиер на Холандија.
Помошта првенствено ќе биде наменета за заштита и санација на енергетската инфраструктура, како и дополнително финансирање на хуманитарна помош.
