Собрание

Избрани замениците министри

10.07.2014 14:44

Нови имиња има уште во 5 ресори, во 9 министерства остануваат старите решенија...

Комплетиран и вториот владин ешалон. Официјализирано е влегувањето на партијата на Стевчо Јакимовски, ГРОМ во извршната власт. Љупчо Пренџов е новиот заменик за локална самоуправа. Нови имиња има уште во 5 ресори. Во 9 министерства остануваат старите решенија. Факт е дека владините политики даваат резултати и се препознаени од граѓаните, беше речено во дебатата.

,,Сите кандидати се подготвени да го вложат максимумот, знаењето, креативните капацитети, искуство,да помогнат во спроведувањето на програмата на Владата, што овој Парламент ја прифати со огромно мнозинство”рече во образложението Премиерот Груевски.

Политичката борба е за квалитет и подобар стандард на граѓаните. Државен интерес е стабилноста на Македонија,рече Чедомир Саздовски од ГРОМ. Владината програма се поклопува со приоритетите на партијата.

,,Државниот интерес и интересот на граѓаните е сочувувањето на стабилноста на институциите во земјата,проценка што на одреден начин морално и политички не обврзува да бидеме дел од една владејачка коалиција” истакна Саздовски.

ДПА не присуствуваше на седницата. Од партијата на Тачи сметаат дека ДУИ се води само од лични интереси.

,,Ова личи на изреката ,,селото гори, па три точки, но наместо три точки, можеме да кажеме ДУИ се чешла” изјави Беким Фазлиу од ДПА.

По предлог на пратениците Александар Николовски од ВМРО-ДПМНЕ и Талат Џафери од ДУИ, по скратена постапка изгласани измените на законот за пратеници, со кои се регулира правото на апанажата. Времетраењето на остварување на ова право по престанок на функцијата е условено со времетраењето на нејзиното извршување.

Народните избраници едногласно ја прифатија одлуката за надоместок на трошоците за учество изборната кампања за претседателските и за предвремените парламентарни избори. Партиите за секој освоен глас ќе добијат по 15 денари.

Милчо Велески