БЛИСКИ ИСТОК

Бајден со критики до Нетахају, не направил доволно за ослободување на заложниците

03.09.2024 10:10

Масовни антивладини протести во Тел Авив. Демонстрантите бараат Нетанјаху да постигне договор за прекин на огнот во Појасот Газа. И американскиот претседател Бајден со критики до Нетахају дека не направил доволно за ослободување на израелските заложници. Нетахају останува цврст на ставот дека мора да има контрола на коридорот Филаделфија...

Американскиот претседател Бајден со критики до израелскиот премиер дека не направил доволно за да гарантира договор за ослободување на заложниците. Изјави дека САД сè уште се во преговори со лидерите во Катар и Египет, а не со Нетанјаху. Со него ќе разговарал на крајот.

„Сè уште сме во преговори. Не со него, туку со моите колеги од Катар и од Египет“, изјави американскиот претседател, Џо Бајден.

Хамас соопшти дека изјавата на Бајден е признание дека Нетанјаху го поткопува договорот. Нетанјаху пак, изрази неверување за изјавата на претседателот на САД. Останува цврст на ставот дека мора да има контрола на коридорот Филаделфија, спречувајќи го Хамас да го користи за шверц на оружје.

„Хамас ладнокрвно уби шест наши заложници. По ова ужасно убиство не верувам дека некој сериозен би дошол и би рекол – „сега направете повеќе отстапки“. Навистина не можам да поверувам дека претседателот Бајден, всушност, го кажал тоа. Овој коридор се разликува од другите места, тој ја одредува целата наша иднина. Тој, кислородот и вооружувањето на Хамас“, изјави израелскиот премиер, Бенјамин Нетанјаху.

Коридорот Филаделфија е нов трик за спас на коалицијата на Нетанјаху, обвини израелската опозиција.

„Коридорот е само негов нов трик за да избегне распаѓање на коалицијата. Се работи само за политика. Нетанјаху зборуваше како 7-ми Октомври да не се случил пред него, како тој да не е одговорен и виновен за големата катастрофа во земјата. Имаше една страшна работа од неговите изјави – тој нема да склучи договор и да ги врати нашите деца дома“, рече шефот на израелската опозиција, Јаир Лапид.

Притисокот врз Нетанјаху значително порасна по сознанието дека Хамас убил уште шестмина заложници во Газа. Гневните семејства и демонстранти протестираа на улиците судирајќи се со полицијата.

Во истовреме, војската на Тел Авив ја продолжи офанзивата на Западниот Брег. Во напад со дронови повредени Палестинци, откако вооружени лица отвориле оган врз нив. Вакцинацијата против детска парализа продолжи во енклавата откако двете завојувани страни се согласија на ограничени паузи за да ја олеснат кампањата.

 

Бојана Крстевски