Македонија

Возачки дозволи со старото уставно име ќе важат до крајот на годинава

03.09.2024 13:27

Старите возачки дозволи да се променат до крајот на годинава, апелира министерот Тошковски. Најави дека од оваа недела секој граѓанин што ќе поднесе барање за добивање на лични документи, тоа право ќе може да го оствари во рамки на законскиот рок од 15 дена.

Нема метеж пред пунктовите за издавање на лични документи. Граѓаните досега, од денот на аплицирање чекале по еден месец за пасош и месец и пол за лична карта. Граѓаните сè уште можат да ги подигнат готовите документи во најблиската полициска станица.

Од МВР најавуваат дигитализација за поедноставување на издавањето на личните документи во иднина, за да граѓаните поедноставно и побрзо бидат услужени.

Издадени се над 750 илјади возачки дозволи со новото уставно име. Остануваат да се сменат уште околу милион дозволи што се важечки, но со старото уставно име.

До крајот на годинава ќе важат возачките дозволи со старото уставно име. Затоа апел од МВР, сите луѓе кои имаат вакви возачки дозволи да ги сменат до крајот на годината.

Пунктот за документи во МТВ ќе биде месец и пол затворен заради реновирање, а постапките ќе се преместат во полициската станица Пролет. По реновирањето, полициските станици повеќе нема да се користат за лични документи.

 

Ирина Гелевска