Путин во Монголија, и покрај налогот за апсење
И покрај барањата на Западот, рускиот претседател Путин да биде приведен кога е на територија на земја-потписничка на договорот на Меѓународниот кривичен суд, во Монголија сепак тоа не се случи. Улан Батор и Москва работат на економското и безбедносното приближување, заклучок од средбата на рускиот и монголскиот претседател. Во Украина, дожд од руски ракети и дронови. На удар се Запорожје, Дњепар, Киев.

Односите со Монголија се меѓу приоритетите на руската надворешна политика во Азија. Ставот на претседателот Путин со којшто Кремљ преку потпишаната економско-одбранбена соработка стратегиски ја заштитува далекуисточната заднина кон Јапонија и западните сојузници ќе биде продлабочен со поканата до монголскиот лидер да учествува на состанокот на БРИКС во Казањ, Русија, кон крајот на октомври.
„Со ова е постигнат одржлив дијалог меѓу раководствата на владите, парламентите, јавните организации и во безбедносната област“, рече рускиот претседател Владимир Путин.
Путин го покани домаќинот Гурелсук на 80-годишнината од Руско-монголската победа над Јапонија во Втората Светска војна. Претходно, украинската дипломатија побара од Улан Батор апсење на шефот на Кремљ поради обвинението на Меѓународниот кривичен суд за воени злосторства. Монголија не се одѕва на барањето. Руската опозиција во егзил е на истата линија со Киев.
„Монголија има свој претставник во Судот. Не станува збор за избор или добра волја, според меѓународното право, ова е законска обврска на која Монголија мора да се придржува“, изјави Владимир Кара-Мурза, руски опозиционер во егзил.
На 922-иот ден, војната во Украина, но сега и во руската курдска област не запира. Киев тврди дека напредува во офанзивата на руска територија, и дека состојбата на фронтот на истокот од земјата е крајно тешка. Москва стрела со ракетите земја-земја.
„Не слушнавме ниту свирење на проектилите, само експлозија. Некои деца почнаа да бегаат, и сега слушнавме дека внуката на нашите пријатели, мајката и уште едно дете загинале, а едно е и на интензивна грижа“, изјави Алина, жителка на Запорожје.
По засилувањето на руската офанзива на источниот фронт, Киев го повтори барањето до Белата куќа за употреба на проектилите од долг дострел подлабоко во руската територија и доби одговор од претседателот Бајден.
„Јасно ставив до знаење што можеме и што не можеме да поддржиме“, рече американскиот претседател Џозеф Бајден.
Украина побара и од сојузниците во НАТО и во ЕУ да дозволат користење на проектилите со долг дострел на територијата на рускиот агресор.
Зоран Богатинов
