Франција ќе одзема пасоши на француски џихадисти

10.07.2014 14:57

Таканаречените „осамени волци“ ќе се гонат кривично со одземање на патните исправи...

Француската влада ќе ги суспендира на шест месеци патните исправи на државјаните кои им се придружуваат во борбите на исламските милитанти во Ирак и во Сирија. Таканаречените „осамени волци“ ќе се гонат кривично со одземање на патните исправи, со одлука на Министерот за внатрешни, откако лицата ќе бидат идентификувани од разузнавачките служби. Утврдено е дека двајца од тројца млади муслимани, секојдневно се приклучуваат на џихадистите надвор од Франција.

Мерката на Владата во Париз е дел од акцискиот план за идентификација на овие лица кои патуваат во Сирија, по средбата на деветтемина европски министри за внатрешни во вторникот во Милано, на која учествуваше и министерката Гордана Јанкулоска. Велика Британија се закани и со укинување на пасошите на џихадистите.

Во Сирија веќе се убиени седум холандски милитанти, а во оваа блискоисточна земја се верува дека се борат и 300 германски државјани. Слободната Шенген зона им овозможува на овие лица преку Турција, да влезат во Грција, Македонија, Србија, а потоа и во земјите на Европската Унија.  Последното убиство на четирите лица извршено во Еврејскиот Музеј во Брисел, од фундаменталист, француски државјанин, повратник од битките во Сирија, го вклучи безбедносниот аларм во Унијата.

Зоран Богатинов