ОЈО

Пуштена во употреба лабораторија за дигитална форензика во ОЈО ГОКК

03.09.2024 13:50

Со поддршка на Амбасадата на САД се набавени неопходните хардверски и софтверски компоненти за хардверско и софтверско опремување во областа на дигиталната форензика во вредност од околу 500.000 американски долари. Опремата вклучува најсовремени форензички станици за работа во лабораториски услови ...

Во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, во присуство на заменик амбасадорката на САД Никол Варнс, денеска и официјално е пуштена во употреба лабораторија за дигитална форензика.

Со поддршка на Амбасадата на САД се набавени неопходните хардверски и софтверски компоненти за хардверско и софтверско опремување во областа на дигиталната форензика во вредност од околу 500.000 американски долари. Опремата вклучува најсовремени форензички станици за работа во лабораториски услови, лаптоп компјутери, ултраблок китови со врајт блокери за различни видови носачи на електронски податоци што ќе бидат предмет на анализа, како и форензички софтвери што се користат за исчитување и анализа на одземена или запленета електронска опрема. Во лабораторијата за дигитална форензика ќе можат непречено да се отвораат и декодираат одземените електронски уреди со цел да се пронајдат електронски докази што ќе бидат корисни за понатамошниот тек на постапките и кои како валидни, законски прибавени докази ќе се користат во постапка и пред судот.

Основниот јавен обвинител Ислам Абази се заблагодари на несебичната поддршка на Амбасадата на САД која ја донираше оваа вредна опрема истакнувајќи дека со оваа донација се овозможува обвинителството самостојно да дојде до електронските докази што се наоѓаат на електронските медиуми, а сè тоа е во интерес на постапките и намалување на времето за постапување. На овој начин ќе се растовари и лабораторијата на МВР во која досега се вршеше анализа на компјутерска опрема и мобилни телефони – предмет на кривични дела за потребите на сите обвинителства.

За начинот на постапување на истражителите кои работат во лабораторија за дигитална форензика во Истражниот центар на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, основниот обвинител донесе Одлука со која се уредени чекорите во постапувањето со одземените телефонски уреди и компјутерска опрема. Постапките ќе се спроведуваат согласно Законот за кривична постапка и позитивна пракса што се применува во лабораториите за дигитална форензика во светот.