Мисајловски: Да ги јакнеме нашите одбранбени капацитети, билатералната и регионалната соработка
Да продолжиме да ги јакнеме нашите одбранбени капацитети и билатералната и регионалната соработка, порача министерот за одбрана на воената свеченост во кумановската касарна, за одбележување 25 години од формирањето на Бригадата на Југоисточна Европа. Мисајловски посочи дека иницијативата придонела за стабилност, развој на регионот но и воена соработка …

Четири години нашите армиски припадници заедно со сојузничките армии работат за стабилизација на регионот и пошироко. Тие активно придонесуваат за глобалниот мир, истакна министерот за одбрана Мисајловски, на воената свеченост во кумановската касарна „Боро Менков“, каде се одбележа 25 годишнината од формирањето на Бригадата на Југоисточна Европа. Toj нагласи дека мора да продолжат да се јакнат одбранбените капацитети и билатералната соработка. Посочи и државата останува посветена кон исполнување на втората стратешка цел, членството во Европската унија.
„Имајќи ја предвид актуелната геополитичка состојба посебно во Европа, загрозената безбедност, бројните форми на хибридни закани, лажни вести, дезинформации, како и научени лекции од минатото соочувајќи се со КОВИД кризата и природните катастрофи, имаме силен мотив да продолжиме да ги јакнеме нашите одбранбени капацитети, да ја јакнеме одбранбената билатерална и регионална соработка“, истакна министерот за одбрана Мисајловски.
Пред присутните се обратија и останати високи претставници на бригадата, потенцирајќи дека СИБРИГ е клучен двигател на политичко-воената соработка на министерствата за одбрана на земјите членки.
„Со придонес кон регионалната стабилност и консолидирање на соработката во спроведувањето на операциите за поддршка на мирот, хуманитарната помош и помош при катастрофи, СИБРИГ може да послужи како доказ дека преку соработка на земјите од Југоисточна Европа и пошироко може да се дојде до резултати“, нагласи Симона Којачару, претседавач на СЕДМ.
„Од своето основање СИБРИГ стана симбол на единство, обединувајќи професионални војски од земји со различно потекло, култури и истории, но сите обединети со заеднички споделени вредности и заедничка цел, промовирање на воената соработка“, дополни Билбил Битри, командант на команда на СИБРИГ, бригаден генерал.
Иницијативата посочија гарантира сигурност и безбедност.
Освен Македонија членки на СИБРИГ се и Албанија, Бугарија, Грција, Италија, Романија и Турција.
Елена Георгиевска
