Македонија

Владата ја ограничи маржата за училишниот прибор

03.09.2024 14:19

Ограничувањето на маржата е во рамките на кампањата „Помалку трошоци, повеќе за тебе! Се грижиме“, а одлуката е донесена на денешната седница на Владата.

Владата донесе одлука за ограничување на маржата за училишниот прибор и тоа на 5 отсто за големопродажба и 10 отсто за малопродажба, информира премиерот Христијан Мицкоски. Ограничувањето на маржата е во рамките на кампањата „Помалку трошоци, повеќе за тебе! Се грижиме“, а одлуката е донесена на денешната седница на Владата.

„Анализиравме увозни царински декларации и цени во малопродажба и заклучивме дека многу производи се продаваат по двојно повисоки цени од увозните, На пример маркер се набавува по 60,1 денари, а се продава по 130 денари, на јаглен набавната цена е 68,6 денари, додека продажната 200 денари. Боиците имаат увозна цена од 69,5 денари, а се продаваат од 120-150 денари, кај моливите имаме набавни цени од 54,1 денари, а продажни по 120 денари“, изјави премиерот Мицкоски.

Премиерот најави дека и понатаму ќе има ограничувања на маржите и профитот на поединци кои, како што кажа, генерираат профити и со тоа ја зголемуваат инфлацијата.