Нова странска инвестиција вредна 65 милиони евра, најави Мицкоски
Нова германска инвестиција за производство на литиумски батерии вредна 65 милиони евра и 700 нови вработувања, најави премиерот Мицкоски. Денеска ќе биде промовирана мерката помалку трошоци – повеќе за сите, со која ќе се ограничат и ќе се намалат цените на производите потребни за отпочнување на учебната година…

Германска компанија за производство на литиумски батерии ќе инвестира 65 милиони евра во земјава и ќе отвори над 700 работни места. Премиерот Мицкоски рече дека сите недостатоци се отстранети и утре ќе биде поставен камен темелник.
На владина седница помина договорот за унгарскиот заем тежок 500 милиони евра наменет за развој на стопанството и општините. Премиерот Мицкоски вели дека со ова ќе се пополни дупката од 200 милиони евра во буџетот кој ја оставила власта на СДСМ и ДУИ. Првиот човек во Владата најави дека идната година наставниот кадар ќе добие покачување на платите, а Филипче, според Мицкоски, е тој кој стои со наставниците на протест, а не обезбедил пари за да растат нивните примања.
Мицкоски со помош на партнерите од Брисел ќе бара техничко решение за проблемите при изградбата на пругата до Бугарија која е дел од Коридорот 8. Премиерот повторно не откри кој му нудел поткуп и рече дека нема да се потрошат 500 милиони евра на траса што завршува во ќорсокак.
Викторија Милевска
