Десетици загинати во руски ракетен напад врз централна Украина
Над 40 загинати, 180 повредени – масовен руски напад во Полтава, источна Украина. Две балистички проектила ја погодија областа во близина на образовна институција и болница. Луѓето се под урнатините, сите спасувачки служби се вклучени, вели украинскиот претседател Зеленски.

Десетици загинати и околу 200 повредени во два руски напада со балистички проектили во Полтава, централна Украина. Властите велат дека ракетите биле истрелани набргу по воздушната тревога по што луѓето немале време да се засолнат.
„Предупредувањето за воздушен напад почна, а потоа имаше две експлозии. И мислевме дека е некаде во нашата куќа. Се подготвивме да излеземе и сфативме дека тоа е заводот за комуникации“, рече жителка на Полтава.
„Во тоа време бевме дома. Беше девет наутро и имаше две многу силни експлозии. Бевме многу исплашени“, рече жителка на Полтава.
Украинските воздухопловни сили соопштија дека одбраната соборила беспилотни летала над регионите Чернихив, Харков, Херсон, Киев, Миколаев, Одеса и Суми. Претседателот Зеленски повторно побара помош од Западот во воздушната одбрана. Апелираше до сојузниците да му дозволат да го користи нивното оружје со долг дострел за да напаѓа подлабоко во руската територија за да ја заштити земјата.
„Ги добив прелиминарните извештаи за рускиот удар врз Полтава. Два балистички проектила погодиле територија на образовна институција и соседна болница. Една од зградите на Институтот за комуникации е делумно уништена. Уште еднаш, ги повикуваме сите во светот кои имаат моќ да го запрат овој терор, потребни ни се системи за противвоздушна одбрана и проектили. Потребно ни е оружје со дострел кое може да не одбрани од рускиот терор сега, а не подоцна. За жал, секој ден доцнење значи повеќе изгубени животи“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.
Руското Министерство за одбрана тврди дека три дрона биле соборени над регионите Брјанск, Курск и Калуга. Украинските напади се интензивираа на руска територија на почетокот на изминатиот месец. Киев тврди дека напредува во офанзивата на руска територија, a состојбата на источниот фронт е тешка. Во исто време, шефот на Меѓународната агенција за атомска енергија Гроси е во посета на Украина како дел од напорите да помогне да се спречи нуклеарна катастрофа поради гранатирање во близина на голема нуклеарна централа.
Маријана Димовска
