Владата ја ограничи маржата на училишниот прибор
Владата донесе одлука за ограничување на профитната маржа на училишниот прибор. Со оваа мерка, како што соопшти премиерот Христијан Мицкоски на денешната прес-конференција, двојно ќе се намалат трошоците за школски прибор...

Владата донесе одлука за ограничување на профитната маржа на училишниот прибор. Со оваа мерка, како што соопшти премиерот Христијан Мицкоски на денешната прес-конференција, двојно ќе се намалат трошоците за школски прибор.
Со оваа одлука се ограничува највисоката трговска т.е. профитна маржа на училишниот прибор, како што се тетратки, ранци, боици, пластелин, подлоги, фломастери, маркери, мрсни боици, акрилни, водени бои и четки, линеари и дидактички материјали, острилки и гуми за бришење, детски ножици, футроли и училишни додатоци, шестари, дигитрони, компаси, креди, табли, чаши за прибор и држачи и други производи потребни за учениците.
„Имаме да речеме увозна цена, пример еден, за маркери којашто е 60,1 денар, во малопродажба е 130 денари. Потоа, имаме цена, да речеме, јаглен за цртање од 300 пакувања, увозната цена е 68,6 денари, а во малопродажба е 200 денари. Боиците, ако увозната цена е 69,5 се продаваат од 120 до 150. Кај моливите имаме цена која што е увозна од 54,1 денар, се продаваат по 120 денари. Тетратки А4, увозна цена 40,1 денар, малопродажна цена 85 денари. Значи минимум два пати, а во некои моменти и повеќе од увозните декларации, така што цениме дека со ова драматично на пола, би рекле, би се намалил трошокот“, изјави Мицкоски.
Одговарајќи на новинарско прашање премиерот рече дека не смета оти ваквата мерка е задоцнета, туку како што рече „секоја ваква мерка е добредојдена за буџетот на семејството“. Тој најави дека Владата во следниот период ќе продолжи и со други мерки, како заштита на есенската кошничка, а потоа и на зимската.
