Здравствена заштита

Од денеска бесплатни превентивни прегледи секој ден

10.07.2014 15:16

Намален број повици за Брза помош, помалку колапси и навреме откриени заболувања се придобивка од бесплатните превентивни прегледи од 2012 наваму. Тоа е аргумент за продолжување на оваа практика. Од денеска цела лето граѓаните во својот град ќе имаат на располагање лекарски екипи секоја вечер.

Од денеска па до крајот на летото лекарски екипи секој ден од 18 и 30 до 21 часот во 33 града и општини бесплатно ќе ги прегледуваат и ќе ги советуваат граѓаните. Во Скопје константно ќе има екипа на кејот на Вардар кај Пешачки мост, а други ќе бидат мобилни. Денеска во Ѓорче Петров и Драчево. Утре во Карпош и Аеродром. В сабота во Центар и Бутел, а недела во Гази Баба и Шуто Оризари.

,,Превенцијата си го направи своето,едноставно граѓаните ги почитуваат препораките и навистина белеиме незначителен број колапси“, вели директорка на Здравствен дом Скопје д-р Татјана Баевска Вучковиќ.

,,Според податоците и бројот на повиците на брза помош се намалени од 80 на 50 дневно и тоа во периодите кога има бесплатни превентивни прегледи“ вели министерот  за здравство Никола Тодоров.

Освен советите за здрав живот, за безбедна храна и вода за пиење, заштита од топлина, неизбежна е заштита од инсекти и од заразни болести.Засега кај нас нема Нилска треска.

,,Се уште нема зголемен број ентероколити, ниту зголемен број епидемии и труења од храна. Западно нилска треска се уште нема ниту еден случај“, вели прим. д-р Јованка Костовска-раководител на секторот за превентивна заштита во МЗ.

Минатата година се прегледани 12 557 граѓани од кои кај околу 500 се откриени посериозни болести и се упатени на дополнително лекување. Тоа е аргумент повеќе за продолжување на акцијата за бесплатни превентивни прегледи.

Соња Стојановска