Целосно изгаснат пожарот во Расадник, причината и штетата допрва ќе се утврдуваат
Целосно е изгаснат пожарот што избувна доцна попладнето во Расадникот во општина Кисела Вода, нема повредени лица, а е причинета материјална штета. Нормализирано е и снабдувањето со електрична енергија што беше во прекин во дел од општината...

Жителите на скопски Расадник уште долго ќе седат со затворени прозорци. Пожарот е изгаснат, но населбата е обвиена во чад. Причините и штетата допрва ќе се утврдуваат. Го подметнал ли човек или избувнал под несреќни околности.
Мала, натрупана со возила, сервисна уличка ги делеше првите згради од огнената стихија. Жители во паника ги дислоцирале возилата за да не им се опожарат. Граѓаните задоволни од брзата интервенција на пожарникарите, но сè уште исплашени од она што можеше да им се случи.
Освен локалните жители во гаснењето се вклучи и градоначалникот Георгиевски. Настрада ниска вегетација, сува трева и грмушки, а не беа поштедени ниту овошките.
Анита Димитријевска – Велковска
