Прашањето за заложниците во Газа, во фокусот на јавноста
Убиствата на заложниците ја нагласуваат итноста на преговорите за прекин на огнот, соопшти Белата куќа...

Советот за безбедност заседава по итно барање на израелскиот пратеник за прашањето на заложниците кои ги држи Хамас во Газа. Убиствата на заложниците ја нагласуваат итноста на преговорите за прекин на огнот, соопшти Белата куќа.
„Финализирањето на договорот ќе бара од двете страни да покажат флексибилност. Многу сме јасни во ставот за можноста за израелското присуство во Газа, а тоа е-дека сме против. Во предлогот за премостување што го предложивме, владата на Израел се согласи на отстранување на војската од густонаселените области како и од коридорот Филаделфија во втората фаза од договорот за заложниците“, изјави Метју Милер, портпарол на Стејт департментот.
Нетанјаху не ја погледна јавноста во очи и не и ја кажа вистината-критикува поранешниот израелски министер за одбрана Бени Ганц.
„Премиерот не ја погледна јавноста во очи и не ја кажа вистината-дека нема да ги врати живите заложниците, нема вистински да го заштити јужниот коридор и дека нема да ги врати жителите на северот во нивните домови, ниту пак да го спречи Иран да добие нуклеарно оружје“, изјави Бени Ганц, лидер на Партијата за национално единство.
Во Тел Авив протестите против Нетанјаху продолжија и завршија со судири со полицијата.
