Социјала

Отписот на долгови го мина првиот собранискиот филтер

10.07.2014 15:52

Законот за еднократен отпис на долгови го мина првиот собранискиот филтер. По амандманската расправа и конечното зелено светло, стартува реализацијата на проектот. Министерството за финансии ќе објави јавен повик, по што социјално - ранливите категории граѓани ќе имаат рок од 30 дена да аплицираат за отпис до центрите за социјална работа. Целиот процес се очекува да заврши до октомври.

Елизабета Гацова од Штип веќе пет години живее без струја. Нема пари за да го плати долгот. Невработени се и таа и сопругот. Го чекаат отписот  за да им падне едно големо бреме од плеќите.

„Ќе го запазиме рокот, ќе поднесеме барање за отпис на долговите, ова е голема придобивка за луѓето кои не можат да си ги платат долговите“, изјави Елизабета Гацова, социјален случај.

Добра вест за Гацови е што Законот за еднократен отпис на долговите веќе го мина првиот собранискиот филтер. Следува амандманската расправа, по што на корисниците на социјална и постојана парична помош, на невработените кои повеќе од една година активно бараат работа, и на луѓето изложени на социјален ризик поради смрт на брачниот другар, инвалидност или потешка болест, ќе им се простат долговите за струја, парно, РДТ, но и минусите на кредитните картички, трансакциските сметки, потрошувачките кредити.

„ЕВН, банките, МРТ, Топлификација ќе склучат договор со Министерството за финансии, и за износот на долгот што тие ќе им го отпишат на овие категории граѓани ќе им биде одобрен даночен кредит, односно данокот на добивка што треба да го платат во 2015-та година ќе биде намален за износот на долгот што тие ќе им го отпишат на граѓаните. Мерката се носи еднократно и немаме намера да ја повторуваме“, изјави Зоран Ставрески, вицепремиер и министер за финансии.

Од ДОМ побараа отписот да важи и за луѓето кои загубиле дете.

„Оваа лична загуба е иста како и загубата на сопружник, а исти се и економските загуби при такви драми и трагедии“, изјави Лилјана Поповска, ДОМ.

Барањата за отпис ќе се доставуваат до центрите за социјална работа. Се проценува дека ќе бидат опфатени од 50 до 100 илјади луѓе.

Мартин Пушевски