Политички потреси во Украина во време на жестоки напади, Кулеба поднесе оставка
Турболенции во Украина – во Владата во Киев се случуваат големи промени за кои претседателот Зеленски најави дека ќе продолжат. Шефот на дипломатијата, Дмитро Кулеба, поднесе оставка...

Турболенции во Украина – во Владата во Киев се случуваат големи промени за кои претседателот Зеленски најави дека ќе продолжат. Шефот на дипломатијата, Дмитро Кулеба, поднесе оставка. Политичките потреси доаѓаат во време на жестоки руски напади.
„Есента ќе биде исклучително важна за Украина. Нашите државни институции мора да бидат поставени така што земјата ќе ги постигне сите резултати што ни се потребни – за сите нас. За да го направиме тоа, треба да зајакнеме некои области во Владата – и подготвени се кадровски решенија. Промени ќе има и во Заводот. Очекувам и дека одредени области од нашата надворешна и внатрешна политика ќе имаат малку поинаков акцент“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.
По смртоносниот удар врз Полтава со над 50 мртви и над 200 повредени, нови напади врз Киев и центарот на Лвов. Има загинати и повредени, меѓу кои и деца. Уништувањето е од огромни размери-тврдат украинските власти.
„Имаме потврдени информации за 7 загинати, од кои 3 се мали деца. Уништувањето е многу обемно, повеќе од 70 згради во градот, од кои сите се историско наследство. Урнатините се расчистуваат. Пожар има и во железничкиот кварт, а на него работи и Државната служба за вонредни состојби. Ова е голем напад, над 35 лица побарале лекарска помош, некои се во тешка состојба“, изјави Андриј Садови, градоначалник на Лавов.
Во Суми погодена зградата на универзитетот.
„Тоа беше цивилна зграда, а не воен објект. По експлозијата моравме да поминеме низ подрумот за да излеземе низ прозорецот“, рече Ихор Сабуров, обезбедувач на универзитетот во Суми.
Белата куќа со непоколеблива поддршка за Киев по нападот на Полтава. Реакции за руската бруталност и од Варшава.
„Ова докажува дека Путин во текот на оваа 2,5-годишна војна има намера не само да уништи воени цели, како што тој изјавува, туку да ги уништи и цивилната инфраструктура, животите на луѓето, соништата, иднината. Овие напади бараат недвосмислен одговор. Русија мора да биде запрена. Таа е закана не само за Украина туку и за цела Европа. Мора да застанеме цврсто заедно против ова“, изјави Шимон Холовнија, претседател на Долниот дом на полскиот парламент.
Украина ќе ја задржи окупираната руска територија додека не го принуди Путин да преговара-вели Зеленски, но од друга страна, расте притисокот врз војската на Киев кај Покровск, Русите напредуваат на фронтот.
Бојана Крстевски
