Мицкоски: Му благодарам на Битиќи што го водел процесот дотука, но жалам што не успеал да го заврши до крај
Премиерот најави дека во тек се преговори за проширување на две веќе постоечки инвестиции од странските инвеститори, но и една нова којашто е во завршна фаза од преговорите...

Ќе продолжиме да поддржуваме ваков тип на проекти, жалам што Битиќи не успеа да го заврши до крај, изјави денеска премиерот Мицкоски на поставувањето на камен-темелник на новата странски инвестиција во ТИРЗ Скопје, откако имаше реакција од СДСМ дека инвестицијата на БМЗ била договорена уште во септември минатата година.
„Еве вчера поранешниот потпретседател на Владата и одговорен за економски прашања, Фатмир Битиќи кажа тој е тој којшто ја донел, па еве јас од мое име да му се заблагодарам затоа што процесот го водел до каде што го водел, жалам што не успеал да го заврши до крај. Претпоставувам не успеал да ги убеди граѓаните како што еве ги убедувал неговите сопартијци на осми мај, па доживеа дебакл каков што доживеа, па оваа Влада мораше сега заедно со инвеститорот го заврши овој процес. Очекувам уште многу вакви инвестиции во периодот којшто следи“, изјави премиерот Мицкоски.
Најави дека во тек се преговори за проширување на две веќе постоечки инвестиции од странските инвеститори, но и една нова којашто е во завршна фаза од преговорите.
„Се надевам и сум сигурен дека и таа ќе се заврши до крајот на годината со што мислам дека озбилно ќе биде исцрпен човечкиот потенцијалот за ваков тип на инвестиции кај нас и мислам дека на тој начин ќе додадеме вредност во процесот на зголемување на БДП нешто коешто ние е многу важно. Така што уште еднаш, не може човек да не биде среќен и радосен кога се отвора инвестиција во вредност од 65 милиони евра каде што ќе има во максимален обем од 700 и повеќе вработени кога ќе го достигне врвот самата инвестиција“, нагласи премиерот Мицкоски.
