Груевски најави крупни реформи на педагошките факултети за поквалитетно образование
Учител и наставник во Македонија ќе може да биде само квалитетен, способен и високо образован кадар. Со новите реформи на Педагошките факултети низ земјава, кои планира да ги спроведе Владата, квалитетот на образовниот систем видливо ќе се зголеми.

Премиерот Никола Груевски истакна дека во концептот кој е замислен има повеќе промени, чија цел е да се зголеми квалитетот на оние кои ќе се запишат на овие факултети и ќе ги завршат, а со тоа да се зголеми квалитетот на севкупното образование во Република Македонија, пред се, основно и средно образование.
„Целта е да се привлечат најдобрите матуранти да доаѓаат на Педагошките факултети. Најниска просечна оценка на средношколците кои ќе сакаат да се запишат, треба да е минимум 4-ка. Понатаму, да имаат приемен испит во кој ќе се проверат нивните знаења. Секој студент кој ќе биде примен на педагошки факултет да има месечна стипендија од околу 10.000 денари за време на своето студирање. Понатаму, да има загарантирано вработување за оние кои ќе завршат Педагошки факултет. Меѓутоа, наставниот процес да биде драстично променет, да бидат воведени современи наставни програми кои се користат на највисоко рангираните универзитети во светот, односно да бидат превземени нивните наставни програми и спроведени во нашиот образовен процес“, истакна Груевски.
Тој информира дека планирано е испитите да бидат спроведени на начини со кои ќе се гарантира вистинитоста на знаењето, по теркот на државните испити кој неодамна Владата го воведе и ќе почне да се спроведува меѓу ноември и февруари следната година, зависно од законите.
Груевски помеѓу другото информираше дека со реформата е предвидено и основање академија за наставниот кадар, каде по завршување на Педагошкиот факултет пред да почнат да работат наставници ќе поминат една година. Покрај теоретско, со академијата е предвидено и практично учење кај највисоко рангираните наставници во различни училишта во Македонија согласно екстерното тестирање. Наставниците со највисоки оценки на екстерното ќе бидат делумно предавачи на теоретскиот дел и делумно ќе вршат обуки за оние што ќе бидат на пракса кај нив. На академијата, според Груевски, ќе предаваат најдобрите универзитетски професори од државава и од странство. Наставниците што веќе завршиле Педагошки факултет ќе добијат одреден законски рок што ќе биде сосема доволен да ја завршат едногодишната академија. Тоа нема да важи само за наставниците кои работат повеќе од 10 години.
