Од утре инспекции на терен за маржите на училишниот прибор
Државниот пазарен инспекторат од утре на терен ќе проверува дали трговците ја почитуваат одлуката на Владата за ограничување на највисоката трговска или профитна маржата за училишниот прибор...

Државниот пазарен инспекторат од утре на терен ќе проверува дали трговците ја почитуваат одлуката на Владата за ограничување на највисоката трговска или профитна маржата за училишниот прибор, на 5 отсто за големопродажба и 10 отсто за малопродажба.
Трговците кои се опфатени со Одлуката на Владата за училиштен прибор имаат обврска да ги усогласат цените на производите. Од утре инспекторите ќе бидат на терен и ќе вршат контроли за да се утврди дали трговците постапиле во согласност со оваа Одлука. Инспекторите ќе постапуваат во рамки на нивните надлежности кои произлегуваат од Одлуката, а согласно тоа и според Законот за трговија – соопштија од инспекторатот.
Наведуваат дека одлуката се однесува за ранци и ташни; тетратки, блокови, нотеси, колажи; средства за пишување (моливи и пенкала); дрвени боици; пластелин, теста за моделирање, подлоги; фломастери и маркери; мрсни боици; темперни, акрилни, водени бои и четки; линијари и дидактички материјали; острилки и гуми за бришење; детски ножици; футроли, етуи и училишни додатоци; лепило и шестари, дигитрони, компаси и лупи.
Највисоката трговска (профитна) маржа што ја утврди Владата вчера ќе се применува до 20 октомври годинава.
Во случај да се утврди прекршување, од инспекторатот велат дека ќе следат казни од 800 до 10.000 евра, во зависност од големината и видот на трговецот.
