Јавните здравствени установи со милионски долгови
Должничка криза во македонското здравство. Јавните здравствени установи се борчлии за пет милијарди денари. Најмногу пари должи Клиниката за онкологија. Од Фондот велат, причина е несоодветното планирање и буџетирање...

За шест месеци јавните здравствените установи се задолжиле за милијарда денари. Најмногу пари должат Клиниките за Онкологија, Торакална и васкуларна хирургија, заедно со Гинекологија и уште неколку други болници. Но, сметките нема да им бидат блокирани, осигурениците нема да се соочат со недостиг на лекови и услуги – уверуваат од Фондот за здравство. Онкологија ги потрошила парите предвидени за 2024, за да ја протурка годината Фондот ќе обезбеди средства.
„На пример, на Онкологија не биле буџетирани доволно средства за програмата која им е одобрена за работа. Дел од долгот е и поради „дозволен хаос“ во финансиското работење на Јавните здравствени установи“, изјави Сашо Клековски – директор на ФЗОМ.
Се делеле и незаработени плати, преку зголемување на основната или дежурства. Освен долгови, Фондот констатирал и нелогичности. Во Струмица има болница од шест илјади квадратни метри, најсовремено опремена која не е во функција зашто изведувачот ја поврзал со трафостаницата со несоодветен кабел.
„За милион ипол евра довршување не се довршува затоа што болницата со трафостаницата е споена со несоодветен кабел кој ЕВН одбива да го прими во употреба и да ја поврзе болницата на енергетската мрежа“, изјави Сашо Клековски – директор на ФЗОМ.
За 10-тина дена, Фондот ќе објави план за надминување на должничката криза во Јавните здравствени установи.
Од Фондот за здравство велат дека веќе е направен првиот чекор за подобрување на условите на осигурениците со проширување на позитивната листа на лекови која не е обновена повеќе од 10 години. Новите лекови во аптеките се очекува да бидат достапни од 16-ти септември.
Андријана Ѓурческа
