Власта и опозицијата запнаа во политичкиот дијалог
Социјалдемократите не отстапуваат од барањето за формирање техничка влада кое, според нив, е клучниот услов за излез од кризата. Од друга страна, пак, премиерот Груевски со одговор дека дури и по цена да се загуби препораката на ЕК за отпочнување на преговорите со Унијата, техничка влада нема да има.

„Ние како политичка партија во секој момент сме подготвени за разговори за надминување на ситуацијата и за адресирање на сите прашања кои што може да допринесат за развој на државата и за уште поцврста демократија од сегашната, меѓутоа не сме подготвени да прифатиме уцена за формирање на техничка влада. Се додека тоа е услов на СДСМ за отпочување на разговорите, такви преговори нема да псотојат“, рече Груевски.
Заев е подготвен да разговара за сите останати ставки од опозициските барања, но само во случај Груевски да прифати техничка влада. Бидејќи ова нема да се оствари, лидерот на опозицијата не се надева на конструктивен политички дијалог.
„Без техничка влада како тема на разговор и преговор ние немаме намера да разговараме, од проста причина што бараме отпочнување на разговори и преговори. Не очекуваме дури и дека се ќе биде прифатено, можеби дел од нашите решенија, кои што во моментот ги нудиме по пат на дебата, и сами ќе ги повлечеме“, рече лидерот на СДСМ, Зоран Заев.
Двајцата лидери, во интерес на државата, минатиот месец се сретнаа во обид да договорат што понатаму. Средбата заврши без успех. Се шпекулира дека продолжение на разговорите е можно наесен.
Анита Димитријевска
