Струга

Нема негувателки за струшките градинки, родителите на протест пред Општината

04.09.2024 16:14

Стружанката Беса Шеи оди на работа со своите деца. Во слична состојба е и Дрита Бајрами, мајка на 4 деца. Нема кој да и ги згрижи двете деца редовно запишани во градинка. Иста судбина делат десетици родители, кои денес протестираа пред Општина Струга. Поради недостиг на персонал во струшките градинки не работат групите со јасли, а децата се згрижуваат само до пладне...

Стружанката Беса Шеи, од почетокот на септември на работа оди со своите деца. Во детските градинки во струшко, нема персонал, не работат групите со јасли, а повозрасните деца се згрижуваат само до пладне. Беса нема каде да ги остави, па од пладне ги носи со себе во канцеларија. Во слична состојба е и Дрита Бајрами, која е мајка на четири деца, од кои две тримесечни близначиња. Двете деца на возраст од 5 и 3 години од пладне нема кој да и ги згрижи.

„Децата нема кој да ни ги чува дома, на работа сме и јас и сопругот имаме голем проблем. Едното е три години другото пет в градинка нема кој да ги чува до 11 30 најдоцна 12 часот треба да ги земеме. Одам ги земам на работа, со три деца седам на работа тоа е тешко“, изјави Беса Шеи, родител на три деца.

„Немаме доволно негувателки и воспитувачки немаат договори не им се продолжени. Тешко е сама сум роднини немам, старите ми се починати. Сама се справувам некако се снаоѓам големите одат во градинка, но сега имаме проблем со негувателките. Се надевам што побрзо да се реши овој проблем“, изјави Дрита Бајрами Костојчиноска, родител на четири деца.

Истата судбина ја делат десетици родители од струшко, кои денес протестираа пред општина Струга. Од јуни во градинките не им се продолжени договорите на 20-тината времено вработени, кои пак протестираа во јануари за решавање на нивниот статус. Но и по девет месеци проблемот не им е решен.

„Тие направија поголема работа од сите функционери во оваа држава, тие тоа го правеа од љубов ти се нашите херои. Заслужуваат да се реши нивниот статус, а со тоа ќе се реши и нашиот проблем“, рече Јованчо Мацески, родител.

„Апелираме институциите што побрзо да го решат проблемот за да не се преземат дополнителни мерки. Мораме да си ги земаме децата во 12 часот, а не сме во можност ние не можеме да одиме на работа“, рече Лилјана Тасеска, родител.

Градоначалникот Рамис Мерко вината ја префрли во Министерството за труд и социјална политика.

„На директорката и помина мандатот побаравме друго лице да прифати за директор, не прифаќа никој, а со тоа се создаде овој хаос. Денеска наредив нов конкурс ако не прифаќаат од внатре за директор ќе прифати може човек од надвор да биде директор на градинките“, изјави Рамиз Мерко, градоначалник на Струга.

Инаку во струшките градинки дневно се згрижуваат над 500 деца, а општина Струга со одлука на Совет од септември ја зголеми цената за престој од 1.500 на 2.000 денари.

 

Соња Рилковска