Свет

Продолжуваат нападите во Појасот Газа, Хамас го повика Тел Авив да го прифати предлогот на Вашингтон

05.09.2024 09:30

Израелската војска продолжува со нападите во Појасот Газа. Хамас го повика Тел Авив да го прифати предлогот на Вашингтон за прекин на огнот. Коридорот „Филаделфија“ мора да остане цврсто под контрола на Израел-категоричен Нетанјаху…

Израел треба да ги спроведува антитерористичките операции во Газа против поединци вклучени во тероризам и поединци кои претставуваат закана за цивилите, но не и против поширокото палестинско население, став на Стејт Департментот. Белата куќа развива нов предлог за прекин на огнот со египетски и катарски колеги во обид да се постигне крај на војната.

„Владата на Израел, од премиерот надолу, го прифати предлогот на претседателот. И предлогот за премостување, кој вклучуваше повлекување на израелските сили од густонаселените области низ Газа. Секој час во денот се обидуваме да откриеме како можеме да ги премостиме овие поделби и да најдеме начин да постигнеме договор за прекин на огнот“, изјави Метју Милер, портпарол на Стејт департментот.

Од Хамас велат дека треба да се изврши притисок врз Израел да се согласи со американскиот план што групата веќе го прифати, а се однесува на етапно спроведување на прекин на огнот, размена на израелски заложници и палестински затвореници, како и целосно повлекување на израелските трупи од енклавата. Премиерот Нетанјаху дециден, коридорот Филаделфија мора да остане цврсто под контрола на Израел. Од друга страна, Израелците четврти ден протестираа во Тел Авив.

„Ужаснат сум од фактот што Нетанјаху одлучи да го напушти секој човек кој сега е во Газа, секој Израелец. Ме шокираше тоа што се случи во неделата кога ги пронајдоа шесте тела на заложници убиени од Хамас. Нетанјаху дозволи тоа да се случи.“

„Израелската влада одлучи да го избегне договорот само за да го задржи своето владеење, само за да ја задржи својата способност да ја одржува владата и тоа е сосема погрешно“-велат демонстрантите.

Во Газа, речиси 190.000 деца се вакцинирани против детска парализа.

„Во првите три дена вакциниравме повеќе од 187 илјади деца до десет години во централна Газа. Но, другите здравствени потреби остануваат огромни. Признаваме дека е испочитувана хуманитарната пауза за да се овозможи безбедно и успешно спроведување на кампањата за вакцинација. Бараме не само тоа да остане така, туку и прекин на огнот“, изјави Тедрос Аданом Гебрејесус, генерален директор на СЗО.

Израелската армија објави дека во последните неколку недели ликвидирала повеќе од 200 терористички оперативци во Рафах, јужно од Појасот Газа. Продолжуваат и операциите во северниот дел на окупираниот Западен Брег.

Маријана Димовска