Дипломатија

Средба Муцунски- Фидан

05.09.2024 13:12

Денешната посета, Муцунски ја оцени како значаен момент во билатералните односи, како и дека како прва посета на странски министер за надворешни работи од неговото стапување на функцијата, како што нагласи, е силна потврда за се посилното стратешко партнерство.

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски денеска се сретна со турскиот министер за надворешни работи Хакан Фидан, кој е во посета на земјава. Денешната посета, Муцунски ја оцени како значаен момент во билатералните односи, како и дека како прва посета на странски министер за надворешни работи од неговото стапување на функцијата, како што нагласи, е силна потврда за се посилното стратешко партнерство.

„Традиционално добрите односи позитивно влијаат на економската соработка. Со Турција споделуваме заеднички ставови и за безбедносни и регионални прашања. Посебно го запознав со нашиот евроинтеграцискиот пат, со посебен акцент дека предвидливост е многу важна“, изјави Муцунски.

„Турција цврсто ја поддржува Северна Македонија од осамостојувањето и ќе продолжи со тоа. Разговаравме како можеме да ја унапредиме соработката. Турција има цел да се зголеми билатералната економска соработка на две милијарди и ќе продолжиме со поддршка на турските компании да инвестираат во земјава“, порача турскиот министер за надворешни работи, Фидан.

Исто така, Муцунски денеска ги прими копиите од акредитивните писма на новиот евроамбасадор, Микалис Рокас. Од МНР велат дека неговата дипломатска мисија почнува во исклучително важен момент за европската иднина на земјата.