САД

Малолетникот кој застрела четири лица во училиште во Џорџија им бил познат на властите

05.09.2024 14:28

14-годишен тинејџер е напаѓачот кој усмрти двајца ученици и двајца наставници во средно училиште во американската држава Џорџија. Колт Греј им бил познат на властите уште од претходно. Тој е во притвор и ќе му се суди како на возрасен. Од белата куќа ја нагласија потребата за поголема контрола на оружјето.

Свеќи, солзи и неверување во дворот на средното училиште Виндер во Џорџија. Се оддава почит за жртвите, убиени од 14-годишниот Колт Греј, кој ладнокрвно упадна во објектот и со огнено оружје усмрти двајца ученици и двајца наставници, оставајќи уште девет ранети.

„Излегував да земам вода и слушнав истрели, се стрчав назад во училницата и кажав дека има напаѓач. Ја заклучив вратата и ги исклучив светлата и само чекавме. Истрелите одѕвонуваа во мојата глава, сè уште сум во шок“, рече еден од учениците.

„Слушнав два истрела“, додаде друг.

„Мислев дека е само силен удар и дека можеби некој прави врева. И тогаш се слушнаа уште три истрели, а потоа сите побрзавме да се скриеме“, посведочи друг ученик.

Осомничениот Греј им е познат на властите од претходно. Минатата година, по дојава на ФБИ, бил сослушан поради анонимни закани на интернет, но било заклучено дека нема причина за негово апсење. Од Белата куќа ја нагласија потребата за поголема контрола на оружјето.

„Одговорот е законодавството. Мора да имаме закони, повеќе закони, дополнителни закони, за да можеме да ги заштитиме заедниците, да се погрижиме дека правиме сè што можеме за да продолжиме или барем да се обидеме да ги зачуваме безбедни“, изјави Карин Жан-Пјер, портпарол на Белата куќа.

Мотивот на напаѓачот сè уште е непознат, но дејствувал сам.

„Поминуваме низ сè за да утврдиме дали има активни закани за училиштата во оваа област и ќе продолжиме да го следиме тоа во текот на оваа истрага“, изјави Крис Хосеј, директор на Бирото за истраги во Џорџија.

Осомничениот е во притвор и ќе му се суди како на возрасен.

 

Бојана Крстевски