Муцунски најави промени во историските комисии со Бугарија и Грција
Историските комисии со Бугарија и Грција ќе претрпат промени. Дел од членовите ќе останат, иако во Скопје има незадоволство од досегашната работа. Информацијата ја потврди министерот Муцунски, кој денеска го пречека турскиот колега Фидан…

Во тек се консултации за промена на составот на заедничките комисии за историски и образовни прашања со Бугарија и со Грција, објави министерот Муцунски. Според него, нема да се променат сите членови за да се задржи континуитетот, но посочи дека особено е незадоволен од работата на еден од претседателите на комисиите.
„Уште на почетокот на мандатот, разбирајќи го значењето на двете комисии, се сретнав со амбасадорот Габер и професорот Ѓеоргиев. Да добиеме слика што работеле, што постигнале. Сметам дека заради специфичноста на нивната работа, не можеме сè да објавиме, но прилично сум изненаден, што деновиве гледам еден научник, кој е доста платен да врши научна работа, а се обидува политички да се профилира, и покрај тоа што е сè уште во мандат. Со тоа се поткопуваат надворешните политички позиции на државата. Ние политичарите имаме легитимитет за политичка работа, а научниците за научна работа. Разочаран сум од таквиот пристап“, изјави шефот на македонската дипломатија.
Муцунски го пречека шефот на турската дипломатијата, Фидан. Констатираа – има можности за поголема соработка во сите области, за зајакнување на економските врски, инвестициите, трговска размена.
„Соработката, пријателско и сојузништвото со Македонија го цениме многу. Разговаравме како можеме да ја унапредиме оваа соработка. Како Турција, изразуваме дека имаме интерес да потпишеме Виш стратешки совет за соработка. Турција има цел да се зголеми билатералната економска соработка на две милијарди и ќе продолжиме со поддршка на турските компании да инвестираат во земјава“, рече турскиот министер за надворешни, Хакан Фидан.
Шефот на турската дипломатијата побарал од македонските власти поголема соработка за справување со „Фето“, за образованието на турски јазик и културата.
Македонија и Турција како НАТО-сојузници договориле поголема воена соработка со одржување обуки и вежби на полигонот Криволак.
Ирина Гелевска
