Украина бара повеќе оружје
Украинскиот претседател Зеленски е во Германија. Бара дополнителни испораки на оружје, ракети со долг дострел, но и повеќе средства за противвоздушна одбрана. Лондон до крајот на годината на Украина ќе и испорача 650 противвоздушни ракети. Минатата недела Русија истрела повеќе од 200-те проектили и беспилотни летала во Украина, при што беа уништени енергетски објекти низ целата земја…

Воените потреби на Киев, тема на состанокот на Контакт групата за одбрана на Украина во воено-воздухопловната база Рамштајн, Германија. Сојузниците се соочуваат со обновени повици за дополнителна противвоздушна одбрана и олабавување на ограничувањата за тоа колку далеку во Русија, Украина може да употреби оружје од партнерите.
„Ќе искористиме сè што можеме за да се увериме дека продолжуваме да и го обезбедуваме на Украина тоа што и е потребно, и на краток и на долг рок. Знаеме дека противвоздушната одбрана е еден од главните приоритети за Украинците“, изјави Сабрина Синг, заменик портпарол на Пентагон.
Веќе има јасна одлука од Романија во врска со системот Патриот, истакна Зеленски повикувајќи ги партнерите да го спроведат целосниот пакет одлуки усвоени на Самитот на НАТО во Вашингтон во јули. Откако смени речиси десетина функционери, вели дека е важно институции да работат што е можно поактивно. На фронтот продолжуваат нападите со беспилотни летала.
„Се случија промени во владата. Благодарен сум на парламентот што ги поддржа соодветните кандидати. Од клучно значење е владините институции сега да работат што е можно поактивно од порано – на сите нивоа“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.
Во меѓувреме, Министерството за правда на САД го прошири обвинението против Русија за нападите со злонамерниот софтвер Whisper Gate, чија цел била уништување на компјутерските системи во Украина и 26 сојузници на НАТО и САД во пресрет на целосната инвазија на Русија на Украина во 2022 година. Руски воени разузнавачи се товарат за заговор во пресрет на целосната инвазија на Русија на Украина.
„Со цел да го намалат моралот на украинската јавност, обвинетите украдоа и протекоа лични податоци на илјадници украински цивили, вклучително и со објавување информации за здравјето на пациентите и други чувствителни приватни податоци“, рече Метју Олсен, помошник-јавен обвинител, Оддел за национална безбедност.
Американската влада нуди награди од 60 милиони долари за информација до локациите која води до разузнавачите. Сите шестмина најверојатно се во Русија.
Маријана Димовска
