Ова лето е најтопло во историјата на човештвото, наредните ќе бидат уште потопли
Поплави, суши, покачено ниво на океаните, земјотреси и цунами, водни бомби, ерупции на вулкани, топење на Арктикот, осветлено небо од илјадници молњи и грмотевици. Човештвото е исправено пред предизвикот на галопирачките климатски промени, кои низ земјите во светот воведуваат нови правила за справување со катастрофите. Според европскиот сервис за климатски промени „Коперникус“, ова лето е најтопло досега во историјата на човештвото.

Повисоката температура од речиси еден целзиусов степен, споредено со лани го постави неславниот рекорд што му се заканува на постоењето на човештвото. Светот веќе навикнува на огромните разлики на атмосферските притисоци, коишто предизвикуваат ненадејни поплави како сегашната во Торино, Северна Италија.
„Ова е ново, се менуваат состојбите. За првпат, целиот подрум беше поплавен“, вели еден жител на Торино.
Инцидентните поплави не се споредуваат со прекубројните и екстремни температурни бранови. Од „Коперникус“ велат дека наредните лета ќе бидат уште потопли. Жештината не дозволува да се изгасат пожарите во Калифорнија кои ќе потраат поради температурата од 45 степени целзиусови. И Европа е на удар, на северот од континентот се капат во Балтикот, но сушата се заканува на жетвите, шумите и воопшто на здравјето во Шпанија, Австрија, Швајцарија, Португагалија, Балканот.
Феномен е забележан и со промената на средината на птиците, од субсахарска Африка сè повеќе се преселуваат кон постудените европски земји, некои од видовите досега не биле забележани.
„Птиците прелетуваат сè поголеми растојанија поради климатските примени. Досегашните живеалишта стануваат сè потопли“, изјави Нил Лестер-невладина еколошка организација од Англија.
Ако е за утеха, „Коперникус“ објави дека ефектот Ел Нињо што причини покачување на нивото на Пацификот завршува годинава. Австралија веќе најави постудени месеци на океанската шир, но веќе се уништени цели гребени од алги и корали, суштински за флората и фауната.
„Промените се видливи во Тихиот Океан, како и во светот. Расте нивото на морињата предизвикувајќи неспоредлив хаос на крајбрежните градови и економиите. Причината е ефектот на стаклената градина, генерирана и од фосилните горива. Планетава се вжештува“, вели Антонио Гутереш-генерален секретар на Обединетите нации.
Светската банка, во последниот извештај предупредува – климатските промени влијаат врз околу 400 милиони ученици и студенти во неразвиените земји. Во просек се губат, околу 18 училишни денови.
Во меѓувреме, Кина се подготвува за ударот на тајфунот Јаги, втор според силата на планетава оваа година.
Зоран Богатинов
