Украина

Состанок на Контакт-групата за поддршка на Украина во Рамштајн, Германија

06.09.2024 13:58

Во Германија, состанок на Контакт групата за поддршка на Киев. Курск ја стави Русија во дефанзива, знаеме дека злобата на Путин е длабока, предупреди американскиот секретар за одбрана Остин. Украинскиот претседател ги повтори повиците за дополнително оружје и негова употреба на територијата на Русија. Шефот на НАТО од Норвешка порача, Пекинг да ја запре поддршката за Москва …

Воените потреби на Киев, тема на Состанокот на Контакт групата за одбрана на Украина во воено-воздухопловната база Рамштајн, Германија. Обновени повиците за дополнителна противвоздушна одбрана и олабавување на ограничувањата за тоа колку далеку во Русија, Украина може да употреби оружје од партнерите.

„Одбележуваме еден месец од нашата операција во Кускиот регион во Русија. Украинските сили сега контролираат 1.300 квадратни километри во Курск. Значаен дел од територијата е преземен од нашите сили во битките. Треба да ја имаме оваа способност од долг дострел, не само на поделената територија на Украина, туку и на руската територија, за Русија да биде мотивирана да бара мир. Треба да ги натераме руските градови, па дури и руските војници да размислуваат за тоа што им треба, мир или Путин“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.

Американскиот претседател Бајден ќе одобри дополнителна безбедносна помош од 250 милиони долари за Украина, објави американскиот секретар за одбрана. Курск ја стави Русија во дефанзива, знаеме дека злобата на Путин е длабока, предупреди Лојд Остин. И Велика Британија најави дополнителна помош од речиси 200 милиони евра. Од 2022 година, земјите-партнери на Украина обезбедија околу 106 милијарди долари помош, од кои повеќе од 56 милијарди долари се од САД.

„Украина продолжува да покажува иницијатива на бојното поле. Додека Курск ја стави Русија во дефанзива, знаеме дека злобата на Путин е длабока. Москва притиска, особено околу Покровск. Загубата на Покровск би можело да ги стави на ризик дополнителни украински градови“, изјави Лојд Остин, секретар за одбрана на САД.

Генералниот секретар на НАТО повика на континуирана украинска воена поддршка. Украина има право да се брани. И според меѓународното право, ова право не завршува на границата, истакна Столтенберг. Ја предупреди Кина да престане да испорачува опрема и суровини за Русија.

„Војната покажува дека нашата безбедност не е регионална, таа е глобална. Иран и Северна Кореја обезбедуваат беспилотни летала, муниција и многу повеќе, а Кина стана одлучувачки поттикнувач на руската војна против Украина“, изјави Јенс Столтенберг, генерален секретар на НАТО.

Во меѓувреме, Мисијата на Меѓународниот монетарен фонд почна да работи на петтата ревизија на програмата за кредити за Украина, во износ од 15,6 милијарди долари, во екот на големата реконструкција на украинската влада.

Маријана Димовска