Партиски обвинувања

СДСМ објави информации за фирми на роднини на Мицкоски, од ВМРО-ДПМНЕ велат тоа се лаги и манипулации

06.09.2024 14:02

СДСМ почна со објавување информации за фирми на најблиското семејство на премиерот Мицкоски во Македонија и во Бугарија. Според партијата, власта шири лаги за Филипче, со единствена цел да ги покријат фамилијарните бизниси. Од ВМРО-ДПМНЕ со одговор, Кузеска и СДСМ се служат со лаги и манипулации само за да се скрие вистината…

Блиски роднини на премиерот Мицкоски имаат фирми во Бугарија и во Македонија и вртат милиони. Социјалдемократскиот сојуз обелодени информации со кои според опозицијата се покажува како преку фамилијарните фирми се вртеле милиони евра.

Според нив, ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски всушност ширеле лаги за претседателот Венко Филипче, со единствена цел, да ги покријат фамилијарните бизниси на Мицкоски во Бугарија и во Македонија. Од опозициската партија тврдат дека преку фирмата на баџанакот и прв братучед на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ 1,5 милиони евра биле „свртени“ со регистрирани фирми на иста адреса во Петрич.

„Го прашуваме денеска Христијан Мицкоски. Има ли фирми со исти или слични имиња и во Македонија? Дали овие фирми и овие лица се финансиери на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ? Колку милиони евра свртеле и каде завршиле дел од тие пари? Дали кај членови на семејството на Мицкоски или и во ВМРО-ДПМНЕ? Доколку Мицкоски не одговори, СДСМ ќе ги објави сите информации за тоа кој навистина врти милиони“, изјави денеска на прес-конференција Богданска Кузеска, портпарол на СДСМ.

Од ВМРО-ДПМНЕ со одговор, Кузеска и СДСМ се служат со лаги и манипулации само за да се скрие вистината.

„Жалам што Кузеска и СДС се служат со невистини и манипулации обидувајќи се дека така преку креирање лаги ќе ја скријат вистината за што ние веќе неколку дена објавуваме факти и аргументи, а одговори од страна на СДС, Венко Филипче и Кузеска нема. Еве јас ќе поставам друго прашање: Дали е вистина дека компанија од Македонија која е блиска до семејството на поранешен претседател на СДС исплаќа пари на бугарска фирма која е во сопственост на поранешен премиер и претседател на СДС?“, возврати Марија Митева, портпарол, пратеник и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.

Од владејачката партија обвинија дека браќата на Заев и Филипче свесно го напаѓале енергетскиот бизнис. Преку брза шема стануваат сопственици на соларна електрана. Бизнисот на Никола Филипче и Вице Заев според ВМРО-ДПМНЕ е тежок 250 илјади евра годишно.

Ана Јосифоска-Тодоровска