Здравство

Не се исклучува можноста да се појават нови случаи со морбили

06.09.2024 14:57

Во земјава е регистриран втор случај на мали сипаници за оваа година. Станува збор за 12-годишно дете од Долно Коњаре, Општина Петровец. Првичните симптоми кај детето започнале пред една недела, откако со семејството се вратило од Нови Пазар, Србија. Дел од членовите на семејството се вакцинирани, дел одбиваат. Епидемиолозите дале препораки за изолација…

Семејството од Долно Коњаре одбива да го вакцинира 12-годишното дете кое заболе од мали сипаници и неговиот брат, иако родителите и другите три деца се веќе имунизирани.

Епидемиолозите им дале препораки за изолација за да се спречи ширење на заразата, но дали ќе ги почитуваат останува на нивна добра волја бидејќи изолација за морбили не е пропишана со закон.

Станува збор за импортиран случај од соседна Србија, поточно од Нови Пазар каде има случаи со мали сипаници, а семејството неодамна било на патување. Во епидемиолошката анкета навеле дека по враќањето немале контакт со други семејства и дека децата не посетувале училиште.

„Тие одбиваат да бидат вакцинирани, дадени се препораки, според закон не следува изолација, туку следуваат препораки. Според епидемиолошката анкета родителите и детето кажуваат дека изминатите денови откако се вратило од подрачјето каде престојувало во Србија, не одело во училиште, ниту тоа ниту неговото братче, кое не е вакцинирано, и негираат повеќе контакти“, изјави Марија Андонова – директор на Институтот за јавно здравје.

Првичните симптоми кај детето почнале пред една недела, откако добил исип по телото, а потоа покачена температура, конјунктивитис, кашлица и повраќање. Детето било прегледано од матичен лекар и пратено на Инфективна клиника, каде е потврдена заразата. Сега е на домашно лекување, бидејќи семејството одбило да биде хоспитализирано.

Ова е втор потврден случај со мали сипаници годинава. Првиот случај е регистриран во јуни, кај шестгодишно дете од струшко Лабуништа. Минатата година, пак, беше пријавен само еден случај.

Вакцинацијата е најдобра заштита против ова заболување. Лани опфатот на национално ниво изнесувал 73 проценти, а во Скопје 83 насто. Според надлежните, тој е незадоволителен, бидејќи за колективен имунитет потребно е да биде имунизирано 95 проценти од населението. Не се исклучува можноста во наредниот период да се појават нови случаи на мали сипаници.

Последната епидемија на мали сипаници во земјава е забележана во 2019-та година. Тогаш заболеа околу 1.900 луѓе, а четири деца починаа поради компликации предизвикани од морбили.

Андријана Ѓурческа