Македонија

Свеченост во Собранието по повод Денот на независноста – 8 Септември

06.09.2024 16:13

Собранието од кадешто пред точно 33 години почна процесот на осамостојување на македонската држава беше одбележан од новиот парламентарен состав. „Сите сте заслужни за независноста на државата. Имаше тешки моменти, но секогаш наоѓавме сила да продолжиме напред кон подобра иднина и евроатлантска интеграција.“, рече првиот човек на парламентот Гаши на приемот по повод 8 Септември пред државниот и дипломатскиот кор...

На 8-ми септември се навршуваат 33 години од успешно спроведениот референдум на кој македонските граѓани се изјаснија за самостојна и суверена држава.

Над 95 проценти од граѓаните коишто излегоа на референдумот на 8-ми септември 1991 година позитивно одговорија на референдумското прашање „дали сте за самостојна Македонија со право да стапи во иден сојуз на суверени држави на Југославија“. На референдумот му претходеше Декларација за независност што првиот повеќепартиски парламент ја усвои на 25-ти јануари истата година. Формално волјата на народот за самостојна држава беше потврдена со Декларација за прифаќање на референдумските резултати на 18-ти септември 1991 година во Собранието.

„Роденденот на државата го одбележуваме во мир, соживот, добрососедски односи и сигурни патишта за подобра развојна и евроатлантска перспектива.“, изјави претседателот на Собрание Гаши на прием по повод празникот.

„Секој има своја заслуга за постоењето на македонската независност. Имало тешки моменти, но секогаш сме имале сила и сме создавале можности да продолжиме понатаму, затоа сега се отвора нова развојна перспектива напред.“, изјави првиот човек на Собранието, Гаши.

 

 

Ирина Гелевска