Украина

САД: Трансферот на балистички ракети од Иран во Русија би значел голема ескалација на војната во Украина

07.09.2024 09:46

Од почетокот на руската инвазија на Украина предупредуваме за продлабочување на безбедносното партнерство меѓу Русија и Иран и вознемирени сме од овие извештаи, велат од Белата куќа...

Трансферот на балистички ракети од Иран во Русија би значел голема ескалација на војната во Украина, соопшти Белата куќа, по извештаите дека двете земји ги продлабочиле врските во последните недели со трансфер на оружје.

Од почетокот на руската инвазија на Украина предупредуваме за продлабочување на безбедносното партнерство меѓу Русија и Иран и вознемирени сме од овие извештаи, велат од Белата куќа. Додаваат дека секој трансфер на ирански балистички ракети во Русија ќе претставува драматична ескалација на поддршката на Иран за руската агресорска војна против Украина.

Светските агенции во август јавија дека Русија очекува брза испорака на стотици балистички ракети фатх-360 од Иран и дека десетици руски војници се обучуваат во Иран за оружје со сателитско наведување за евентуална употреба во војната во Украина.