Куманово

Во Куманово на листа за чекање во градинка над 400 деца

07.09.2024 11:16

Дури три градинки недостасуваат во Куманово. На листата за прием, на чекање се над 420 деца. Советот даде дозвола да се примаат деца и над проектираниот капацитет на градинката.

Над 420 дечиња се на листата за чекање за прием во кумановската градинка. Објектите на „Ангел Шајче“ во моментов ги користат 1.700 деца од предучилишна возраст. За нови запишувања, 124 одлучуваше комисијата, по претходно добиена дозвола од Советот, за запишување над проектираниот капацитет. Згрижувањето велат е без проблеми, бидејќи голем број дечиња често отсуствуваат.

„Бројот на запишани деца за разлика од бројот на дневно присутни е минимум 30 отсто помалку, а во некои месеци дури и 60 отсто помалку. Затоа можеме да понудиме квалитетна услуга на родителите, за жал на сметка на тие деца од кои причини не доаѓаат во градинка но дневно не се присутни“, истакна директорката на установата.

Во Куманово со години недостигаат градинки. Надлежните укажуваат дека во програмите постојано наведуваат локации за коишто постои голем интерес од родителите за изградба на градинки. Се посочуваат и објекти коишто би можело да се преадаптираат.

За да целосно се задоволат потребите на граѓаните во Куманово би требало да се изградат уште две до три градинки.

Значаен е и интересот на родителите за згрижување на училишни деца. Детската градинка функционира со четири вакви групи за целодневен престој, и услугата ја овозможува на 150 дечиња. Но овие групи не се доволни за да се сервисираат потребите на кумановци.

 

Елена Георгиевска