Газа влегува во втората учебна година без училишта
Втора учебна година без училишта во Газа. Повеќе од 90% од училишните згради се оштетени од бомбардирања. Продолжуваат битките на северот, израелската војска нападна команден центар на Хамас. Вашингтон бара одговорност за смртта на американска државјанка со турско потекло, за која се смета дека починала во протестите на Западниот брег.

Израелските одбранбени сили соопштија дека нападнале команден центар на Хамас лоциран во зграда во северниот дел на Газа, која претходно служела како училиште. Според израелските власти, преземени се бројни чекори за да се намали ризикот од повреда на цивили. Газа влегува во втората учебна година без училишта. Универзитетите во Газа исто така се во урнатини. Според групација на УНИЦЕФ, повеќе од 90% од училишните згради се оштетени од израелските бомбардирања.
„Деца на иста возраст како нас во другите земји учат. Ние не, ние работиме“, изјави жител на Газа.
„Бев повреден во војната во 2014 година, па не можам да работам сам. Затоа морам да ги ставам децата на работа, принуден сум на тоа“, изјави раселен од Кан Јунис.
„Иднината на децата е изгубена. Нема образование. Она што го учеле минатата година е целосно заборавено. Ако се вратат на училиште, ќе мора да почнат од почеток“, изјави раселен од Буреиџ.
„Денес нема учење или образование, а ниту една од потребите за живот не е достапна во оваа земја и во овие кампови“, изјави раселен од Џабалија.
Во меѓувреме, Белата куќа го повика Израел да го истражи случајот со смртта на американска државјанка со турско потекло. И Обединетите нации повикаа на целосна истрага. Се верува дека 26-годишната Ајсенур Езги Ејги, била застрелана додека присуствувала на протестот против проширувањето на населбите во палестинскиот град Беита, северно од Рамала на Западниот брег. Осуда за нападот пристигна и од турското МНР.
„Состојбата беше критична. Се обидовме да ја спасиме американската државјанка, неколку пати се обидовме да ја реанимираме, но за жал, не успеавме“, изјави Д-р Фуад Нафа, шеф на болницата Рафидија.
„Ново злосторство додадено на евиденцијата на злосторства на окупаторската влада“, изјави Гасан Даглас, гувернер на Наблус
Тензиите на Западниот брег ескалираа, особено по почетокот на војната на 7 октомври во Појасот Газа кога исламистичкото движење Хамас изврши напад врз Јужен Израел. Американското Министерство за правда поткрена обвинение против 20-годишен пакистански државјанин поради сомнение дека планирал да изврши терористички напад во Њујорк на годишнината од нападот на палестински Хамас врз Израел на 7 октомври.
Маријана Димовска
