Неопходни се вложувања за развој на археолошкиот туризам
Македонското археолошко богатство е наш силен туристички адут, но за жал не е доволно искористен. Потребни се вложувања во инфраструктурата и во изградба на придружни објекти. Општините Штип и Карбинци ги подобруваат условите за поголема посетеност на археолошкиот локалитет „Баргала“.

Археолошкиот локалитет „Баргала“ сведочи за бурната историја на овие простори од античкиот и византискиот период. Се простира на површина од пет хектари, но до сега истражен е само мал дел. Целосно се истражени источниот и јужниот бедем, конзервиран е мозаикот на базиликата и нартексот, како и црквата „Свети Ѓорги“.
За развој на археолошкиот туризам општините Штип и Карбинци преку Центарот за развој на источниот регион вложија околу шест милиони денари за оградување, осветлување и мапирање на Баргала, а се планира изградба и на придружни објекти.
Министерот за Култура и туризам најави интензивирање на археолошките истражувања, но и можност за поставување фотоволтаици заради енергетска ефикасност на комплексот.
Археолошкиот локалитет „Баргала“ ја посетуваат бројни делегации и туристи од земјата и од странство. Има и сместувачки капацитет. Баргала е и место на одржување на неколку културни манифестации.
Славица Величковска
