Пожари

Активен пожарот во Мариово

07.09.2024 16:52

Се шири пожарот во Мариово периметарот на огнената линија изнесува 110 километри. На терен се повеќе од 200 професионалци. Од воздух се гасне со само еден ЕР трактор. Гори висока трева и нискостеблеста шума. Активни се 13 пожари на отворено. Над викенд населбата во скопско Катланово...

Се прошири пожарот во Мариово и околината. Огнот зафати површина од петнаесет илјади хектари, додека периметарот на огнената линија изнесува околу 110 километри. На терен се повеќе од 200 професионалци. Од воздух се гасне со само еден „ЕР трактор“. Припадниците на армијата ги чуваат селата кои се во близина на огнот каде што тој е најактивен. Најмногу гори висока трева и нискостеблеста шума. Од утрово во прилепско активен е пожар на потегот Дрен и Смолани.

„Опфатеноста на овој пожар е повеќе од 15.000 хектари и периметар на фронтална линија од околу 110 до 120 километри. Има еден независен пожар од утрово тоа кон дрен и Смолани, таму се упатени голем број на наши пожарникари и кон Беловодица каде што се очекува проширување на пожарот“, изјави Борче Јовчески – началник на прилепскиот Кризен штаб.

Од земја има капацитети за гаснење на пожарите, но не и од воздух. Помага само еден авион – „ЕР трактор“ од дирекцијата за заштита и спасување, останатите два не се во функција. Поради технички проблеми не можат да гаснат ниту двата полициски хеликоптери.

„Оптимисти сме дека во текот на утрешниот ден големиот полициски хеликоптер м171 ќе биде функционален и ќе можеме да го користиме. Има најави од УХМР за можен дожд на територијата на Мариово и прилепската околина, но засега овие прогнози не се остваруваат“, изјави Стојанче Ангелов – директор на Центарот за управување со кризи.

Според Центарот за управување со кризи во земјава активни се тринаесет пожари. Над викенд населбата во скопско Катланово, пожарот создава густ чад, а теренот е непристапен. Вчера го гаснел еден армиски хеликоптер, а денеска пожарникарите од скопската бригада.

 

Андријана Ѓурческа