Куманово

Неисправна минералната вода во Проевце

08.09.2024 15:29

Неисправна за пиење е природната вода во кумановско Проевце, покажале анализите на Центарот за јавно здравје. Но и покрај апелот, кумановци продолжуваат да ја консумираат. Засега немаат никакви реакции...

Природно минералната вода од дел од чешмите во кумановско Проевце не е безбедна за пиење, покажаа анализите на Центарот за јавно здравје Куманово. Потврдено е присуство на бактерија. За состојбата е известена и општина Куманово.

„Наша препорака е водата да не се консумира за пиење, сè додека не добиеме исправни резултати и апелираме до граѓаните да ја одржуваат хигиената околу чешмите“, велат од ЦЈЗ Куманово.

Станува збор за бактерија, која може да предизвика сериозни здравствени проблеми. Лекувањето може да биде и долготрајно. Но, во овој извор граѓаните со децении наоѓаат лек за стомачни, психички, очни, кожни и полесни форми на шеќерна болест. И покрај апелот на надлежните водата да не се консумира во моментов, дел од кумановци продолжуваат со полнење.

„Оваа вода постојано ја користиме многу е добра за стрес, смирува, не би требало да биде загадена, многу години е. Немам никакви реакции засега, многу е добра, не може да биде загадена толку вода ја пиеме, природно извира оваа од водовод мислам дека е повеќе загадена“, вели една кумановка.

„Јас оваа вода ја пијам нонстоп од 80-тите години. Ја препорачуваат за многу нешта, минерална вода што може да биде штетна“, посочи друг кумановец.

Изворот се наоѓа на само три километри од градот.

Кумановци со години бараат просторот околу самит чешми да биде уреден.

За лековитиот извор во минатото биле заинтересирани и странци. Новиот концесионер од неодамна уреди дел од бањата. Но чешмите останаа грда слика.

 

Елена Георгиевска