дебата

Прва претседателска дебата на Камала Харис и Доналд Трамп

08.09.2024 12:01

Во вторник, на 10 септември, во Филаделфија, Камала Харис и Доналд Трамп ќе ги вкрстат аргументите на првата претседателска дебата. Во 90-минутниот дуел, кандидатите за шеф на Белата куќа ќе се обидат да ги убедат гласачите да гласаат на 5 ноември. Според експерти, изборниот циклус годинава е единствен, а идниот американски претседател мора да допре до сите генерации.

На 10 септември во Филаделфија, Пенсилванија, прва дебата меѓу претседателските кандидати Камала Харис и Доналд Трамп. Дуелот ќе трае 90 минути со две паузи за реклами. Нема воведни зборови, а завршните ќе траат по две минути. Претендентите за шеф на Белата куќа ќе дискутираат за војните во светот, надворешната политика, домашната економија, миграцијата, контролата на оружјето.

„Една минута од 90-минутната дебата може да влијае на илјадници, десетици илјади гласови. Мислам дека влогот е голем за двајцата кандидати. Можеби малку поголем за Харис, таа имаше добар пласман како потпретседателскиот кандидат. Луѓето очекуваат многу. За Трамп, ова е можеби неговата последна шанса да го промени наративот и траекторијата на трката“, изјави Арон Кал, експерт за претседателски дебати на Универзитетот во Мичиген.

На изборите во 2020 година, претседателот Џо Бајден откако победи во Пенсилванија, ја потврди и победата на претседателските избори во САД. Жителите на Филаделфија велат дека од сегашните кандидати немаат преголеми очекувања.

„Навистина ми е тешко да изберам кандидат или неколку кандидати за различни функции кои навистина ќе направат се за народот. Секогаш е само бла, бла и никогаш ништо не прави ниту една од страните“, изјави жител на Филаделфија.

„Не верувам дека мојот, еден мал глас е премногу важен. Не гледаме политичари се до овој период од годината. После тоа, не можете да ги најдете во канцеларија. Не можете да ги видите никаде освен на телевизија, давајќи ветувања што немаат намера да ги исполнат“, изјави жител на Филаделфија.

Според експерти, во дигитална ера, дебатите се обезбедени за повозрасната публика, додека помладите генерации ги следат активностите на кандидатите на социјалните мрежи.

„Повозрасната демографска група им посветува повеќе внимание на дебатите. Помладата, не е толку веројатно дека ќе се вклучи и ќе ги следи дебатите. Голема е веројатноста дека ќе ги фатат главните моменти на социјалните мрежи. Кандидатите од целиот политички спектар ја препознаа моќта и корисноста на социјалните медиуми да допрат до разновидна публика на различни нивоа“, изјави Брендон Боатрајт, доцент на Универзитетот Клемсон.

Аналитичарите велат дека изборниот циклус во 2024 година е единствен, од употребата на различни платформи за промоција на кампањата, борбата со дезинформациите, обидот за атентат врз Трамп, до откажувањето на Џо Бајден од изборната трка.

 

Маријана Димовска