Трагедија во Струмица, загинаа четворица припадници на граничната полиција
Очевидците раскажуваа дека пред падот, хеликоптерот без светла повеќе минути летал над местото на несреќата, по што најверојатно удрил во антена, паднал и експлодирал...

Се сруши хеликоптер во близина на кванташкиот пазар во Струмица. Висок пламен ги вознемири граѓаните кои го посведочиле трагичниот настан. Полицискиот хеликоптер МИ-17 падна околу 22 часот и 10 минути меѓу селото Добрејци и Струмица во индустрискиот дел на градот. Според неофицијалните информации, најверојатно сите четворица припадници на граничната полиција се загинати. Министерството за внатрешни работи најави прес конференција за 11 часот.
Рано утринава се уште траеше увидот на надлежните екипи. Очевидците раскажуваа дека пред падот, хеликоптерот без светла повеќе минути летал над местото на несреќата, по што најверојатно удрил во антена, паднал и експлодирал.
Противпожарните екипи го локализираа пожарот, а тука беа присутни и екипи на полицијата и амбулантни возила.
Избегната е поголема катастрофа со самиот факт што леталото падна во ненаселен дел, иако на само стотина метри се наоѓаат ресторани, во кои вечерта имало фамилијарни веселби.
Голем број на граѓани до доцна во ноќта беа присутни на местото на несреќата.
Катерина Давчева
