Балкански фестивал на народни песни и игри

53 години- Сцена за средби на традициите и културата на народите

11.07.2014 11:50

Денес Свечено затварање на „Балкански фестивал на народни песни и игри“ - Охрид 2014

Својата страница од фестивалската историја на земјава, на Балканот, но низ годините наназад и многу пошироко,  балканскиот фестивал започнува да ја испишува од 1962- та година.

Во организација на  Националната установа центар за култура - „Григор Прличев“ од Охрид, а под покровителство на Собранието на Република Македонија, оваа манифестација е  вистински фолклорен  фестивалски бренд одамна препознаен во европски и светски рамки, за што сведочи  и членството во двете најголеми интернационални асоцијации на Унеско -  ЦОИФ и  ИОФ.

Балканскиот фолклорен фестивал од оваа година се врати на матичната сцена на „Долни Сарај“ којашто годинава е покриена со средства од Министерството за Култура на Република Македонија и на локалната самоуправа на општината. 

Претседателот на Собранието на Македонија, г-дин Трајко Вељаноски на 06 јули го означи почетокот на шестте фестивалски вечери од 53- тото издание на една од најстарите културни манифестации кај нас и на Балканот.

На првата фестивалска вечер,  по традиција  се претстави националниот ансамбл за народни песни и игри „Танец“, којшто буквално ја крена на нозе фестивалската публика со изведбата на традиционални изворни и староградски песни со машката и женската пеачка група, свој настап имаше и Сузана Спасовска од пред извесно време исто така  редовен член  на ансамблот,  и се разбира  бравурозните изведби на кореографиите „Кумановка“ , „Пијанец “ „Лазаренки“, и „Шопската петорка“.

Охрид овие денови живееше со боите и звуците, чекорот и играта, со традиционални автентични национални костими и одблесокот на времињата што одамна поминале, но чиишто рефлексии за среќа се пренесуваат до денешни дни благодарение на непобитниот факт дека во времето на општа глобализација, фолклорната традиција останува најцврстиот столб на националниот идентитет на еден народ.

Во рамки на годинашново издание на 53- тиот Балкански фестивал за народни песни и игри на програмата беа и настапите на ансамблите „Неврокоп“ од градот Гоце Делчев - Р.Бугарија, „Петар Зрински“ од Врбовец, Република Хрватска, МКУД „Александар Македонски Трети“ и МКУД „Илинден“ од Мелбурн-  Австралија, „Хора Ашкелон“ од Тел Авив од Израел, „Зета“ од Подгорица- Р. Црна Гора, „Истебна“ од Полска, ансамблот „Видово“ од Ново Место- Р. Словенија, „Илинден“ од Велгошти, „Отекс- фолк“ од Охрид – Р. Македонија, како и одлично подготвените и кореографски интересни МКУД „Никола Карев“ од Австралија, „Емпелокики“ од Солун, „Типопластика“ од Горњи Милановац- Р. Србија и ансамблот „Дримкол“ од Вевчани.

Добро сработеното и реализирано фестивалско издание коешто и годинава покажа и докажа дека  фолклорното наследство на народите е далеку повитално и поразновидно, одколку честопати и самите сме склони да веруваме, потврдуваќи го и непобитниот факт дека сличностите зближуваат, но различностите треба да инспирираат и мотивираат зошто истите му го даваат неповторливиот културен колорит на Балканот и светот.

Македонската Радио Телевизија, како медиумски покровител на 53- тото издание на „Балканскиот Фестивал на народни песни и игри“ на својата програма ќе реализира документарни репортажи  за случувањата на фестивалската сцена.

 

Каролина Петковска