празник

Одбележување 33 години независност на Македонија

08.09.2024 19:30

Годинава независноста се одбележува под мотото „Заедно се бориме, заедно ќе успееме“. Исправени сме пред нова борба, еднакво значајна како создавањето на татковината – порача премиерот Мицкоски на Свечената академија...

Правда и правна држава, бескомпромисна борба со криминалот и корупцијата, достоинствен живот за сите граѓани – порача премиерот Христијан Мицкоски по повод одбележувањето на Денот на независноста 8 Септември – кога, како што тој рече на светот јасно му пренесовме дека татковината не се сака затоа што е голема, туку затоа што е наша.

Премиерот ја подвлече важноста на националните интереси, нагласувајќи дека тие ќе бидат брани по секоја цена. Исполнување на стратешката цел – членство во ЕУ за која вели подготвен е во секое време да разговара, но не и за се да преговара.

„Во изминатите 33 години се соочивме и со многу предавства од страна на неодговорни политички лидери кои ги продаваа нашите национални интереси. Денес сме тука да се увериме дека тоа никогаш повеќе нема да се повтори. Имаме свои национални интереси и тие интереси ќе бидат заштитени по секоја цена. нема да бидеме монета за поткусурување на никој. Ние ќе се бориме за нашите интереси и за нашето достоинство и ве уверувам дека ќе успееме! Ова е држава на сите нејзини граѓани, без разлика на верата или националноста. Соживотот не е само политичка идеја, туку тоа е темелот на нашата држава“, изјави Мицкоски.

Граѓаните премногу долго време беа жртви на политичари кои ја злоупотребуваа својата моќ, продавајќи го достоинството на граѓаните за свои лични интереси – вели премиерот. Вети – држава во која владее законот. Патриотизмот е ист, но целите и работите кои мораме да ги победиме се различни – посочи претседателот на Владата.

„Како нација имаме две големи цели. Првата мораме да го победиме разочарувањето кај секој еден човек кој е напластено од сите претходни порази и неуспеси. Втората е уште поголема цел, а тоа е да го сузбиеме криминалот и корупцијата метастазирана во сите делови од општеството. Денес голем дел од луѓето сосема оправдано се разочарани од многу работи. Таквото разочарување е плод на континуирано рушење на системот и газење на базичните принципи и отстапки кои се правени во децениите претходно“, додаде премиерот.

Крај на партизацијата, компетентноста и способноста на прво место, мораториум на етнички теми зад кои стои лукративниот интерес на поединци, економските реформи, подобар стандард.

Изминативе три децении имаше многу порази и разочарувања, но битката не смее да престане, заедно и обединети ќе успееме, порача премиерот Мицкоски.

 

Марина Стојанова - Тонева